Министерката за одбрана Славјанка Петровска од денеска ја почнува работната посета на Соединетите Американски Држави. За време на посетата, Петровска во Пентагон ќе се сретне со потсекретарот за одбрана, задолжен за политички прашања Колин Кал, а ќе има средби и со помошничката на секретарот за одбрана Селесте Валандер, командантот на Националната гарда на САД, генералот Даниел Хокансон, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт и секретарот на Копнената војска на САД, Кристин Вормунт.
Како што информира Министерството за одбрана, за време на работната посета на САД, министерката Петровска ќе има средба и со помошничката на државниот секретар и шеф на Бирото за воено-политички работи, Џесика Луис, во Стејт Департментот.
Со соговорниците ќе гразговараме за транслатлантското партнерство, промовирањето на евро-атлантските вредности, актуелните геополитички случувања и безбедносни закани, но ќе стане збор и за проектите за модернизацијата на Армијата кои ги реализираме со значајна американска помош и американска опрема од најновата генерација, порача Петровска од Вашингтон.
Агендата на министерката Петровска предвидува и учество на првиот стратешки дијалог помеѓу Македонија и САД каде ќе биде дел од Делегацијата на Владата на Македонија предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, а во чиј состав ќе бидат и министерот за економија Крешник Бектеши и министерката за култура Бисера Костадиновска.
Преку одржувањето на стратешкиот дијалог, Македонија и САД влегуваат во нова фаза во изградба на меѓусебните релации, што е особено значајно не само за земјата, туку и за целокупниот регион, особено во контекст на актуелните безбедносни закани. Воедно, тоа е и израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, нагласи Петровска.
Програмата на посетата на Петровска, исто така, предвидува и средби во Белата куќа, во Националниот Совет за Безбедност, како и средби со високи официјални претставници на НДИ и ИРИ. Петровска на овие средби ќе биде заедно со останатите министри во Владата на Република Македонија, кои ќе бидат дел од стратешкиот дијалог помеѓу Македонија и САД .
Агендата на Петровска вклучува и посета на Пенсилванија и средба со проректорот на Воениот Колеџ, Џејмс Брекенриџ, како и со офицерите на Армијата на Македонија кои се во моментов на школување во оваа престижна военообразовна институција во САД.
Министерката Петровска ќе се сретне и со директорот на Агенцијата за безбедносна соработка, Џејмс Хрш, ќе положи венец на Гробот на непознатиот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон“, а ќе има и заедничко интервју за Гласот на Америка на македонски јазик, со заменик-помошничката на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.