Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, во рамки на посетата на САД, денеска положи венец на Гробот на незнајниот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон” во Вашингтон.

Ми беше голема чест да положам венец на Гробот на незнајниот војник на Националните воени гробишта „Арлингтон” во Вашингтон. Преку овој чин им оддавам почит на загинатите американски војници, во духот на исклучително блиските односи на стратешкото партнерство и сојузништво во НАТО, напиша министерката на Фејсбук.

Како што соопшти Министерството за одбрана, Петровска го посети и Меморијалниот центар на националните гробишта „Арлингтон“, каде подари плакета во чест на загинатите американски војници.

Меморијалниот саркофаг на непознатиот војник во Националните воени гробишта во Арлингтон е изработен пред 101 година и претставува последното почивалиште на неидентификувани американски војници од Првата светска војна и подоцнежните војни.

Посетата на министерката Петровска на САД денеска продолжува со неколку средби со тинк-тенк заедницата, како и со официјална вечера со помошничката на секретарот за одбрана, Селесте Валандер.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.