Делегација на Владата на Македонија, предводена од министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, од денес престојува во Вашингтон, каде ќе учествуваат на Стратешкиот дијалог меѓу Македонија и САД. Преку видео-конференциска врска на Стратешкиот дијалог ќе се приклучи и заменичката на Претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.

Во фокусот на Стратешкиот дијалог ќе бидат темите од билатералните односи, но ќе стане збор и за прашања од глобален интерес. Значајно место во разговорите ќе имаат темите од областа на регионалната соработка, одбраната и безбедноста, енергетиката, економската соработка, трговијата и инвестициите, културната соработка, како и прашањата од областа на образованието, демократскиот развој, борбата против корупција и сл.

Воедно, ќе стане збор и за евроинтегративните процеси на Македонија и регионот, идното претседавање на земјава со ОБСЕ во 2023 година, како и актуелните безбедносни предизвици и нивните импликации врз трансатлантската безбедност.

По завршувањето на Стратешкиот дијалог ќе биде донесена Заедничка изјава меѓу Македонија и САД, со која ќе бидат реафирмирани заедничките заложби за понатамошно надградување на билатералните односи и соработката меѓу двете земји.

Македонија е прва земја од Западен Балкан која отвара Стратешки дијалог со САД кој воедно претставува надградба на досегашното стратешко партнерство меѓу двете земји и подигнување на билатералните односи на повисоко ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.