Експретседателот на НСДП, Тито Петковски и се обрати на Владата и ѝ порача дека е со тенко мнозинство.

Ваквата реакција следува откако на седница пред два дена беше разрешен директорот на ПУИК, Кристијан Трајковски. Петковски е револтиран од потегот за разрешување на Владата, кој доаѓа откако Трајковски се пријави да биде противкандидат на сегашниот претседател, Горан Мисоски, на внатрепартиските избори. Според Петковски, потегот на Владата не може да се оправда.

„Горан Мисовски е пратеник во Собранието, а Владата е со тенко мнозинство и евентуален конфликт со него би бил на штета на Владата. При тоа, Владата на некоректен начин ги обесхрабрува младите, образовани и успешни кадри. Конечно, крајно некритичниот однос на Владата кон раководствата на партиите што ја поддржуваат, кога станува збор за кадровскиот потенцијал, без сомнение, широко и ја отвара вратата на партократијата наместо на демократијата“, посочува Петковски.

Според него, на новото раководство на НСДП, во кое е Мисовски, не му требаат непријатели, самото ќе си ја растури партијата.

„Првиот потег што го повлече новоизбраното раководство на НСДП на Конгресот од 4 јуни беше барањето упатено до Владата на РСМ за разрешување на Кристијан Трајковски од функцијата генерален директор на Јавното претпријатие за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Не би имало ништо чудно во тој чин, доколку не станува збор за досегашниот генерален секретар на НСДП. Гревот на Кристијан Трајковски е што се јави како противкандидат на Горан Мисовски за претседател на партијата на неодамна одржаниот конгрес на НСДП. При тоа, во предлогот упатен до Владата, не се наведува ниту една причина за негово разрешување, ниту пак некоја забелешка на неговата работа како генерален директор на јавното претпријатие или како генерален секретар на партијата. Лична суета и чист реваншизам. Па, како тоа некој да се дрзне и да му се спротивстави и да му биде конкурент за местото претседател на партијата ,на ‘големиот народен трибун’ Горан Мисовски. За политичката култура и демократскиот капацитет на новоизбраното раководство на НСДП не сакам да говорам и тоа не е најважното во овој момент“, додава Петковски.

Тој е загрижен за штетата што и се прави на партијата.

„Пораката е јасна кој ќе му се спротивстави на претседателот на партија, мора да смета на вакви последици. Иронијата да биде поголема, станува збор за врвен демократски чин, избор на претседател на партија во услови на статутарни обврски за конкуренција, односно повеќе кандидати. Ваква штета на партијата и нема направено ниту една друга партија или друг фактор од надвор. Не е обична флоскула синтагмата – без внатрепартиска демократија, нема парламентарна демократија, ниту пак демократско општество. Иако, за ваквиот потег, новото раководство на партијата нема ниту едно рационално оправдување, уште помалку може да се оправда реакцијата на македонската Влада“, додава експретседателот на НСДП.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.