Бугарската агенција вчера повикувајќи се на разговори од Коалицискиот совет на 27 мај меѓу партнерите во бугарската Влада објави дека претседателот и премиерот на Бугарија, Румен Радев и Кирил Петков, заедно со претставник на бугарското МНР ќе одат на средба со францускиот претседател, за да го одобрат предлогот на Емануел Макрон за укинување на ветото за преговорите на Македонија со ЕУ.

Бгнес објави изјава на неименувано лице дека за време на разговорите во Коалицискиот совет „од Владата информирале дека француското претседателство ветило оти ќе ги вклучи сите бугарски барања во преговарачката рамка и дека нивното спроведување ќе го гарантира самиот Макрон“.

Радев денеска негираше дека ќе ја реализира посетата.

Нема напредок по отворените прашања меѓу Софија и Скопје, затоа нема услови за мојата посета на Париз кај претседателот Макрон. Сакам да видам реални резултати, ја ценам ангажираноста и напорите на нашите европски партнери, рече Радев.

Во однос на изјавата на Петков дека сите одлуки во врска со спорот ќе минат преку Собранието, Радев истакна дека „последната инстанца секогаш е народот“ и додаде дека постојат уставни механизми за негово консултирање.

Внимателно ги следам позициите на партиите, додаде тој.

Бугарските медиуми вчера објавија дека на средбата со бугарскиот државен врв францускиот претседател Емануел Макрон ќе презентира предлог за укинување на ветото на Софија за старт на преговорите за членство на земјава во ЕУ.

Претставник на бугарската Влада информирал дека од Софија добила ветување од Париз дека „сите бугарски барања ќе бидат вклучени во преговарачката рамка за Македонија и дека нивното спроведување ќе го гарантира лично Макрон“.

Доколку билатералните спорови станат услов за почеток на преговори тоа ќе значи дека и други членки на ЕУ ќе го следат примерот на Бугарија. Прва би можела да биде Хрватска која сигурно нема да ја пропушти приликата да ја блокира Србија, а понатаму и Босна и Херцеговина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.