Широкиот фронт на поддршка не е само чест, туку и обврска за посветена, чесна и храбра кампања и извојување на нова победа, порача вечерва актуелниот претседател Стево Пендаровски, откако доби поддршка за кандидатура за втор мандат на Конгресот на СДСМ.

Прес тимот „Претседател за сите“ на Пендаровски соопшти дека со одлуката на Конгресот, се заокружува широкиот фронт на поддршка од политички субјекти и граѓани за кандидатурата за втор мандат за претседател.

-На вечерашниот конгрес Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја потврди својата поддршка за мојата кандидатура за втор мандат.  Им благодарам на укажаната доверба.  Во изминатите денови добив јавна поддршка за вториот мандат од граѓани, дел од нив јавни личности, универзитетски професори, културни работници, луѓе кои ме познаваат. Денеска многу граѓани со своите потписи ја дадоа поддршката и за само неколку часа ги собравме над потребните 10 000 потписи, наведува Пендаровски во пишана изјава.

Тој  се заблагодарува за поддршката и истакнува да се работи на создавање општество во кое ќе се цени секој потенцијал.

-Да продолжиме да работиме на создавање отворено, креативно, иновативно и демократско општество во кое ќе има место за секој, каде сечиј потенцијал ќе се цени и секој ќе добие можност да успее тука, дома. Ви благодарам на сите за поддршката. Продолжуваме заедно!, подвлекува Пендаровски.

Претходно во обраќање пред делегатите на Конгресот, истакна дека очекува двојна победа на СДСМ и на претседателските и на парламентарните избори. – Имаме свои вредности и потенцијали и сме подобри од нив, рече Пендаровски, упатувајќи критики за политичкиот опонент ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.