Потребно е враќање на довербата меѓу двете влади, што ќе придонесе за засилување на добрососедските односи и политичкиот дијалог за почувствителните прашања. Надминувањето на меѓусебните недоразбирања е важно за напречено одвивање на македонските евроинтеграциски процеси, како и за неутрализирање на растечкиот евроскептицизам и негативните тенденции во регионот, рече претседателот Стево Пендаровски на денешната средба со бугарскиот премиер Кирил Петков кој престојува во официјална посета на земјава.
Пендаровски истакна дека Македонија во духот на добрососедството и почитувањето на принципот на еднаквост меѓу двете страни, има силна политичка волја да го продолжи дијалогот, со цел изнаоѓање компромисно решение за отворените прашања.
На средбата се разговараше за можностите за унапредување на билатералната соработка во повеќе сфери од заеднички интерес, со оглед дека земјите се блиски соседи и сојузници во НАТО. Во таа насока претседателот изрази поддршка за почнатиот дијалог меѓу двете влади, изнесените конкретни предлози, како и намерите за интензивирање на разговорите во наредниот период со цел постигнување мерливи резултати во интерес на граѓаните, информира Кабинетот на претседателот.
Според Пендаровски, почнувањето на пристапните преговори на Република Македонија со Европската Унија ќе претставува придобивка за просперитетот и стабилноста на целиот регион. Тоа дополнително ќе влијае на унапредување на соработката во економијата, трговската размена, инфраструктурното поврзување како и соработката во областите на образованието, здравството и културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.