Претседателот на државата Стево Пендаровски од денеска е во официјална посета на Чешка каде беше пречекан со највисоки државни и воени почести од неговиот чешки колега Петр Павел.
Двајцата имале тет-а-тет средба на која зборувале за односите помеѓу двете држави, но и за македонските аспирации за членство во ЕУ, партнерството во НАТО и за состојбите во поширокиот регион. Имало и пленарен состанок на делегациите, а Пендаровски и Павел одржаа и прес-конференција.
Во обраќањето, Пендаровски потенцираше дека Чешка е докажан партнер на земјава, како и оти била меѓу првите кои во услови на крајно сложени политичко-безбедносни состојби, какви што беа мигрантската криза и пандемијата со ковид-19, од првите моменти ни пружи конкретна поддршката и помош.
„Она пак што особено го цениме е недвосмислената и отворена поддршка на македонските евроинтеграции и пристапните преговори кои ги водиме, со цел, имплементирање на сите есенцијални реформи и наша брза интеграција во ЕУ“,
рече Пендаровски.
Од Прага, со чешкиот претседател, тој упати порака и дека стабилноста и безбедноста на регионот зависат од европската перспектива и затоа ЕУ мора да го зголеми присуството.
„Со претседателот Павел сме согласни дека стабилноста и безбедноста на Западниот Балкан, како и неговиот демократски развој, зависат од неговата европска перспектива, што е причина повеќе Европската Унија да го зголеми своето присуство во нашиот регион за да го задржи кредибилитетот на процесот на проширување“,
рече Пендаровски.
Тие зборувале и за билатералните односи на Македонија и Чешка, за што како што рече претседателот, констатирале дека во шест-седум години има постојан прогрес на економски план и пораст на трговската размена.
„Затоа е императив да продолжиме со иницијативи со кои ќе ја унапредуваме нашата договорна рамка која служи како платформа која овозможува уште подобра соработка меѓу чешките и македонските стопанственици. Во оваа прилика посебно сакам да ја поздравам иницијативата за формирање на Македонско-чешка бизнис-асоцијација. Нашите очекувања се дека енергетскиот сектор, транспортната инфраструктура, ИТ секторот, земјоделството, прехранбената индустрија, како и заштитата на животната средина, во иднина треба да бидат наш заеднички приоритет, како области во кои имаме широки потенцијали за интензивирање на соработката“,
рече Пендаровски на прес-конференција.
Претседателот за време на официјалната посета во Чешка ќе има средби и со претседателот на Сенатот на Парламентот, Милош Вистрчил, со претседателката на Домот на пратениците на Парламентот, Маркета Пекарова Адамова, како и со чешкиот премиер, Петр Фиала.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.