Изгорениот смет на депонијата кај тетовска Волковија осми ден по почнувањето на пожарот сè уште предизвикува чад и ширење на непријатна миризба.

Жителите на Волковија се најблиску до оваа локација и велат дека имаат проблеми поради чадот и смрдеата.

Непријатната миризба и чадот не се како дента на пожарот, но сè уште се чувствува и е тешкотија за дишење, велат мештаните.

Дека продолжува да чади од изгорениот смет сведочат и фотографиите и видеоснимки направени од воздух со употреба на дрон од страна на меѓународната телевизиска мрежа Ал Џезира.

фото: Ал Џезира

Од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Тетово информираат дека сите овие изминати денови по потреба интервенирале кај запалениот смет.

Таму продолжува закопувањето на сметот во земја, а по потреба одиме и ние да интервенираме. Сме праќале по еден камион-цистерна за да направи некоја интервенција, информира Авни Амети од ТППЕ Тетово.

Пожарот избувна на ноќта меѓу 21 и 22 август. Државниот инспекторат за животна средина на крајот на минатата недела донесе решение со кое се изрекува парична казна за фирмата ДТУ „Еко Ливинг“ ДООЕЛ Чегране за пожарот што се случи на таа локација.

Фирмата доби платни налози за правното (9000 евра) и физичкото лице (500 евра), а со решение е задолжена комуналниот отпад од локацијата што се запали во рок од 90 дена да го однесе на депонијата Русино и забрана да носи комунален отпад на истата локација.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.