Основниот кривичен суд Скопје доби уште една целосно опремена судница со ИКТ опрема, со што заврши проектот за опремување на пет судници во различни основни судови низ државата со дигитални алатки со кои се подобрува транспарентноста и ефикасноста во работата на судовите.

Во рамки на оперативниот план за дигитализација на правосудството, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, опремени се судниците во Основниот кривичен суд во Скопје, Основниот граѓански суд во Скопје, како и основните судови во Кавадраци, Струмица и Штип.

На промоцијата на судницата 23 во Основниот кривичен суд во Скопје, министерот за правда Никола Тупанчески, нагласи дека државата е одлучна во процесот на дигитализација на правосудството, и дека се обезбедени средства и за сите судови е набавен потребниот софтвер.

Интензивно работиме на опремување на кривичната судница во Идризово, со целосно опремување и користење на дигиталните алатки, со што ќе се забрзаат целокупните постапки кои се водат. Истовремено, се прави и надградба на АКМИС системот, порача Тупанчески.

Тој посочи дека Судницата е само една од алатките за подобрување на транспарентноста и ефикасноста во работата на судот.

Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје Клеменс Која, изрази задоволство од финиширање на проектот за опремување на пет судници со ИКТ опрема во пет судови.

Мисијата го поддржува процесот на дигитализација на правосудството. Тука сме да споделиме визија дека мали чекори како опремување на пет судници со видео и аудио опрема може да придонесе во зголемување на транспарентноста на судовите. Додадена корист е можноста за судење на далечина и го зголемува пристапот до правда, истакна Која.

Со завршување на овој проект, Која ги поттикна властите, да продолжат со работа за создавање одржливи решенија за употреба на опремата и обезбедување на поголема транспарентност и пристап до правда.

Претседателот на Основен кривичен суд Скопје, Иван Џолев, нагласи дека со оваа донација Судот доби уште една судница опремена по сите европски технички стандарди.

Со ваквите судници се подобруваат условите за работа не само на судиите, туку и на обвинителите и медиумите, што особено ни е важно, бидејќи со тоа се зголемува јавноста на процесот, истакна Џолев.

Претседател на ИКТ Советот, судијата Лазар Нанев рече дека ова не е крај, туку почеток на една нова визија, што се нарекува македонско европско правосудство.

Да ги унапредиме нашите вредности, да ги подобриме условите за работа на нашите судови и да го подобриме пристапат до правда на граѓаните. Да ги искористиме можностите кои ги носи новото време, порача Нанев.

Нанев, исто така, го повика министерот да го продолжи процесот и да се направи целосна дигитална трансформација на сите судници во земјава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.