Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во Советот за безбедност на Обединетите нации во Њујорк се обрати на брифингот наменет за двегодишнина од војната во Украина.
– Две години од инвазијата на Руската Федерација на Украина – очигледно кршење на Повелбата на Обединетите нации и меѓународното право – истакна Османи во неговото обраќање.
Тој воедно ја повика Русија да ја прекине оваа бесмислена војна и да ги повлече своите трупи од суверената територија на Украина. Османи додаде дека ова е единствениот начин да се врати мирот и да се создадат услови за понатамошен дипломатски ангажман за праведно и одржливо решение во согласност со меѓународното право и целосното почитување на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
– Руската агресија против Украина ја прекршува Повелбата на ОН, која го поддржува нашиот мирен соживот и глобалната безбедност – рече Османи додавајќи дека во текот на овие две години, народот на Украина покажа издржливост и извонредна храброст во борбата за својата слобода и независност.
Османи потенцираше дека правдата и одговорноста мора да надвладеат и дека одговорноста не е цел сама по себе, според него тоа е неопходна алатка за обезбедување на мирот, стабилноста и безбедноста и најефективниот инструмент за да се избегне ова да се повтори, на друга суверена држава, на друга нација.
– Во овие тешки времиња, Македонија ќе продолжи да стои покрај Украина и нејзиниот народ, со надеж дека разумот ќе надвладее и дека животот наскоро ќе се врати во нормала – рече Османи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.