Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ги повика политичките партии кои во неделата присуствуваа на отворањето на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград сега да им објаснат на Македонците во Бугарија зошто е укинато здружението што го отвори клубот.

Османи истакна дека како Министерство за надворешни работи претпоставувале дека целиот настан ќе предизвика верижна реакција од која на крај најоштетени ќе излезат граѓаните, односно Македонците во Бугарија.

Ние воопшто не знаевме што ќе биде, но претпоставуваме дека тоа ќе предизвика верижна реакција на еден негативен фидбек, еден негативен натпревар од кој на крај најоштетени ќе излезат токму граѓаните, Македонците во Бугарија. И сега нека излезат тие што отидоа таму да ги охрабрат, тие политичари што отидоа да ловат политички поени нека им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението, изјави Османи одговарајќи на новинарски прашања по прес-конференцијата со потпретседателот на влада и министер за надворешни работи на Казахстан, Мукхтар Тилеуберди, кој е во посета на земјава.

Османи повторно ги посочи неговите пораки дека станува збор за „погрешен пат и дека треба поинаку да се прави“, притоа нагласувајќи ги финансиерите на клубот, како што изјави Османи, сомнителното здружение од Канада со антидржавни ставови.

Не може здружение на двајца од Канада, пет илјади километри одовде, да ја знаат нашата ситуација подобро. Ако има некој да помогне, да финансира, да охрабрува има луѓе кои подобро ја разбираат проблематиката. Меѓутоа едно сомнително здружение од Канада кое што има антидржавни ставови да финансира токму во ова време отворање на клуб на Македонците како одговор на отворањето на клубот во Охрид тоа не е наша политика, тоа не е начин на кој ние би ги промовирале интересите на граѓаните. Ние знаевме дека тоа е само саботирање на интересите на заедницата и рековме дека на крај тоа ќе заврши на штета на тие граѓани. Мислам дека е време да се прашаат тие политичари што отидоа да ловат одредени политички поени, како сега ќе се оправдаат, како ќе им објаснат на Македонците таму зошто им е укинато здружението, изјави Османи.

За комплицираната ситуација во Бугарија околу формирањето на политичка влада во земјата и како тоа се одразува на билатералните обврски преземени од двете земји, Османи хипотетички се осврна на прашањето поставувајќи ситуација во која Македонија не ја донела одлуката за склучување на договорот со Бугарија.

Сега ќе ги чекавме резултатите од формирањето на институциите во Бугарија и ќе бевме се уште во исчекување кога таму ќе има одредена предвидливост за да може евентуално да се најде решение. Така да тоа беше добра одлука, вели Османи.

Тој истакна дека во моментов земјава нема „некој отворен дијалог со Република Бугарија за отворени прашања, туку во делот на имплементација на обврските“.

Ние ги имплементираме нашиот дел од обврските, Република Бугарија својот дел. Последно беше ова со Фронтекс. Тоа беше обврска на Република Бугарија преземен од протоколот потпишан на 12 јули, изјави Османи.

Како што информираше шефот на дипломатијата, тој следната недела планира да оди во работна посета на Бугарија, каде покрај со претставници на службената Влада планира да се сретне и со политичките партии за да разговара, како што рече , отворено за сите аспекти.

Мислам дека сега е време за да се воспостави таа комуникација и со политичките партии во Република Бугарија, истакна Османи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.