Во интерес на правилно информирање на јавноста, дозволете да информирам за начинот на кој се водат разговорите за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, како во рамките на двете Министерствата за надворешни работи, така и во рамките на Владата и државниот врв, објави на својот фејсбук профил министерот Бујар Османи.

Преговорите на техничко ниво ги водат работни групи во кои членуваат искусни дипломати од Министерството за надворешни работи. Тие реферираат пред Министерот за надворешни работи, но воедно тие настапуваат согласно стекнатите знаења и искуство во нивната децениска работа во куќата, секако застапувајќи ги државните стратешки интереси утврдени од страна на Владата и целиот државен врв.

 

Во истата насока, за важните стратешки прашања во Владата секогаш се формира Работна група – највисоко политичко тело кое по правило го предводи Премиерот, и на кое постојано се повторуваат и прецизираат државните интереси на земјава, кои Владата и Министерството за надворешни работи ги застапува при разговорите со своите колеги.

 

Ова не се однесува само на сегашните разговори за надминување на отворените прашања со Република Бугарија, туку за етаблирана пракса која беше применета и при создавањето на Договорот од Преспа – чии успех има колективна заслуга: од дипломатите во Министерството за надворешни работи, преку работната група во Владата, па сѐ до сѐ уште актуелниот Премиер, што е повеќепати потврдено практично од сите меѓународни пријатели на земјата.

 

На крајот, и моите лични позиции, како Министер за надворешни работи и како човек апсолутно соодветствуваат со државните позиции кои како Влада активно ги застапуваме, и тоа: и кога заеднички ги градевме државните интереси при создавањето на Договорот од Преспа; и кога заеднички го создававме Договорот за пријателство со Бугарија; а и сега, кога повторно разговараме за надминување на разликите со нашите соседи.

 

Почитувани граѓани, колеги и пријатели,

 

Пред нас во формирање е еден нов политички моментум создаден преку новите мандати на Владите во двете земји. Граѓаните очекуваат од нас да ја искористиме оваа нова политичка иницијатива за да ја зајакнеме довербата меѓу двете Влади и меѓу двете држави. За оваа и јас лично, но и Министерството за надворешни работи, е во постојана комуникација и со Работната група во Владата, и со актуелниот Премиер, а консултациите правиме и со новиот Мандатар кој очекуваме наскоро да ја преземе функцијата.

 

Резултат на оваа активност е веќе договорената посета на високата владина делегација предводена од Премиерот Петков на Скопје на 18 јануари, а во постојана комуникација со нашите колеги од Бугарија, веќе работиме да постигнеме согласност за одржување и на заедничка седница на двете Влади само една недела подоцна, или на 25 јануари.

 

Од успехот на овие посети ќе зависи и насоката и силината на новиот моментум во односите меѓу двете земји, и оттука сите активности кои го загрозуваат овој успех ги сметам за непродуктивни и нефер.

 

Ги повикувам јавно сите колеги, сегашни и поранешни, да покажеме доблест и фер однос едни кон други, да го задржиме нивото и довербата кои долги години и меѓусебно ги градевме, и да им ја обезбедиме европската иднина на граѓаните која предолго само им ја ветуваме.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.