Претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски заедно со секретарот за меѓународна соработка Бојан Маричиќ оствари средба со амбасадорот на Италија во Македонија, Андреа Силвестри.

Ковачевски се заблагодари на поддршката што Италија како партнер и сојузник ја дава кон Македонија особено во делот на реформскиот процес и процесот на интеграција на нашата земја во ЕУ и најави дека новата влада предводена од СДСМ ќе се посвети на реформите важни за евроинтегративниот процес и унапредување на квалитетот на живот на сите граѓани.

Новата Влада предводена од СДСМ ќе се посвети на справување со последиците од енергетската криза, зајакнување на економскиот стандард и неселективна борба против корупција. Ова се важни прашања за нашите граѓани, но и за нашиот интегративен процес кон ЕУ, затоа што преку структурните реформи, европските вредности ги носиме дома. Италија е силен поддржувач на нашата земја во процесот на нашето приклучување на ЕУ и сметаме на ваша силна и видлива поддршка и во иднина, со цел нашата држава да ги започне преговорите за членство во ЕУ, затоа со сето она што досега го постигнавме, заслужуваме прва меѓувладина конференција и отворање на првите поглавја, порача претседателот Ковачевски.

Амбасадорот Силвестри го поздрави напредокот во важните сектори што го постигна Македонија во изминатите години, додавајќи дека Италија ќе продолжи да биде силен поддржувач и промотор на проширувањето на ЕУ и изрази уверување дека наскоро ќе се создадат услови Република Македонија да ги започне преговорите за членство во Унијата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.