Aко ДУИ изгуби на изборите и со само еден глас разлика, нема да ги претставува Албанците во Владата. Ова вчеравечер во емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 го вети потпретседателот на партијата Бујар Османи.

И да има ДУИ еден глас помалку од друга политичка партија, од денеска потпишувам во име на ДУИ, во име на Али Ахмети, како портпарол на партијата, како потпретседател на партијата, тврдам, дека ДУИ под никакви услови нема да стане дел од Владата. Албанците во никој случај не можат да бидат претставени во Владата освен од тоа што ја одразува волјата на граѓаните, вели Османи.

Според него, албанските граѓани се тие кои одлучуваат која политичка партија да ги претставува. За најавата дека Македонија се најавува отворање на огранок на движењето „Самоопределување“ од Косово, Османи вели дека нема потреба од тоа и дека таквиот обид ќе биде неуспешен.

Според него, овие најави се обид за поделба.

Нема потреба од таква интервенција. Нема да успеат како што не успеаја во минатото, туку ќе им остане тој горчлив вкус од обидот да им продадат памет на Албанците од Македонија како треба да се организираат, бидејќи ние не сме од вчера тука. Ја унапреднавме нашата етничка положба со квантни чекори и никој не може да ни каже како се прави политика овде. Се надевам дека овие трендови навистина ќе избледат бидејќи ќе видат дека тука нема плодна почва за поделби, порача Османи.

Османи истакна дека ваквите тенденции на „Самоопределување“ ги има и во Албанија, Црна Гора и Прешевската долина. Како што додава, службеници на овие земји ја изразиле својата загриженост за поделбите меѓу Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.