Новинарот Фурхан Салиу денеска објави дека е повреден откако физички бил нападнат од извршителката Весна Јакимовска во тек на извршна постапка во Кичeво, каде тој со своја екипа на ПорталиИкс бил за да постави новинарски прашања во врска со бројни поплаки од граѓани на адреса на оваa извршителка. Салиу нападот го пријавил во полиција. Здружението на новинари и Самостојниот сидникат на новинарите ја осудија ваквата реакција на извршителката, потсетувајќи дека напад врз новинар е кривично дело. Со соопштение се јави и Јавното обвинителство.

Новинарот Салиу објави видео додека чека да влезе во полициска станица за да даде изјава за настанот, во кое на албански и на македонски јазик го објаснува немилиот случај.

На ПорталиИкс се објавени инсерти од инцидентот во канцеларијата на извршителката.

А ЗНМ наведува дека овој скандалозен настан следува по серијата истражувачки стории поврзани со извршителката од страна на ПорталИкс и Салиу, кој денеска при земање на изјава од извршителката бил физички нападнат од неа и притоа добил повреда на раката, но и скршен микрофон од неговата опрема. Од ЗНМ додаваат дека колегата Салиу на местото на настанот повикал полиција и во моментов дава исказ во полициската станица. За овој настан известен е и обвинител од Кичево.

ЗНМ веднаш стапи во комуникација со контакт точките во МВР и ОЈО поврзани со вакви случаи за да го следи случајот одблизу.

Контакт точките, односно лицата во МВР и ОЈО се од голема важност во контекст на брза и ефективна комуникација со ЗНМ кога станува збор за повреда на право на новинар или медиумски работник и овозможува поголема институционална заштита.

Потсетуваме дека напад на новинар или медиумски работник при вршење на професионални задачи е кривично дело каде што МВР и ОЈО имаат обврска да постапуваат по службена должност. Бараме од МВР и ОЈО да спроведат брза и ефикасна истрага во интерес на санкционирање на напаѓачот, во овој случај извршителката Јакимовска.

ЗНМ за овој случај освен за кривична одговорност, ќе побара и дисциплинска мерка, согласно кодексот на професионалната етика на извршителите за одземање на лиценцата за работа од страна на Комората на извршители на Република Македонија“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

ССНМ огорчен за нападот врз новинарите во Кичево, но со поздрав за брзата реакција на обвинителството

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници – ССНМ објави дека со огорченост ја прими информацијата за физички атак на извршителката Весна Јакимовска од Кичево врз колегата Фуркан Салиу од ПорталИкс. Особено веста за телесните повреди кај колегата и уништувањето на дел од нивната опрема при вршењето на новинарската секојдневна пракса поттикнува да бараме итно разрешување на овој инцидент, велат од новинарскиот синдикат.

ССНМ смета дека вакво однесување на лица кои треба да спроведуваат делови од правниот систем во земјава кон тие што се ‘будно око’ на општеството е за брза постапка на надлежните и во тој контекст со задоволство ја дочекавме веста за брзата реакција на Основното јавно обвинителство во Кичево кое по известувањето за настанот ги издаде потребни наредби и насоки за расчистување на случајот. Според нашите сознанија предметот е евидентиран во статистиката на пријавени нападнати новинари што ја води Јавното обвинителство. Од таму и најава за брзо дејствување со цел да биде донесена брза одлука за натамошниот тек од постапката. Кога целиме на итна реакција со должност потсетуваме дека во Кривичниот законик е впишан членот со кој нападот на новинар се третира како напад врз службено лице и обвинителството нема пречка да отвори предмет по службена должност и да го гони напаѓачот.

Со надеж дека колегите ќе бидат и заштитени, и ќе имаат сатисфакција за нанесените повреди и штета, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници предупредува дека употреба на сила врз членови на заедницата која врши професија информирање и која е од јавно значење од страна на лица кои треба да спроведуваат судски одлуки може да биде протолкувано како отворање на повик за насилство и од други професии. А, нам ни престојат избори во кои новинарите одново може да бидат најлесната мета, состојба на која предупреди и мисијата за мониторирање на изборите, ОБСЕ/ОДИХР“, се вели во соопштението на ССНМ.

Во врска со настанот се огласи и Јавното обвинителство:

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кичево е известен за нападот врз новинарот Фуркан Салиу и ги дава сите потребни наредби и насоки за целосно расчистување на случајот.

Предметот е евидентиран во статистиката на пријавени напади врз новинари што ја води Јавното обвинителство и по преземање на сите дејствија ќе биде донесена одлука за натамошниот тек на постапката, соопшти попладнево Јавното обвинителство.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.