„Самиот факт што нема ниедна пресуда која е во корист на Бугарија, а сите се во корист на Македонците од Бугарија доволно говори која е позицијата и на Судот и на Советот на Европа во однос на правата на Македонците во Бугарија“, истакна потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски при денешното гостување во емисија на Македонско радио.
Николоски истакна дека Советот на Европа е најстарата организација во која е обединета Европа и чија примарна цел е заштита на основните човекови и граѓански права. Познатиот Суд во Стразбур каде граѓаните ја бараат правдата кога не можат да ја најдат правдата во домашните судови е токму под директна надлежност на Советот на Европа.
„Македонците кои живеат во Бугарија немаат право на изјаснување, немаат право на самоидентификација како Македонци, немаат право на образование и користење на македонскиот јазик и немаат право да учествуваат на избори односно забрането им е да формираат политичка партија и да учествуваат на избори“, кажа Николоски.
Тој посочи дека тоа што во Советот на Европа го кажал се голи факти и гола вистина. Од една страна не ги спроведуваат пресудите за Македонците во Бугарија, а од друга страна се многу гласни за минорни прашања кои се надвор од Бугарија.
Николоски додаде дека она што очигледно ја заболело бугарската делегација се фактите кои таму ги кажал.
„Во однос на ова Македонците имаат поднесено бројни пресуди до Европскиот Суд за човекови права и имаат добиено 16 пресуди. Досега Бугарија нема спроведено ниту една од овие 16 пресуди. Бугарија е во топ 7 најлоши држави во Европа по не спроведување на пресуди на Европскиот Суд за човекови права. До денес Бугарија нема спроведено 166 пресуди на судот, од кои околу 10 или 16 проценти се однесуваат на Македонците“, потенцираше Николоски.
Николоски е дециден дека десетици илјади Македонци живеат во Бугарија немаат права, а тука Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија со ЕУ со измислени прашања и прашања кои немаат допир со реалноста.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.