Незадоволство од состојбата со платите постои и во Бирото за јавни набавки, кое е орган во состав на Министерството за финансии, велат од Синдикат на УПОЗ.

Платите на вработените во Бирото, како што посочуваат во денешното соопштение од Синдикат на УПОЗ, воопшто не се зголемени со години, ниту пак се овозможи исплата на додатоци на плата како што беше предвидено за министерствата минатата година, иако Владата постојано збори дека борбата против корупцијата и е главен приоритет, при што јавните набавки имаат централно место во оваа заложба.

Зошто се дозволува слабеење на оваа важна институција кога знаеме дека низ системот на јавни набавки се трошат преку 1 милијарда евра јавни пари годишно? Законот му дава на Бирото бројни надлежности за контрола. Во што е работата на Бирото помалку сложена или помалку одговорна од другите чинители во управувањето со јавните финансии, прашуваат од Синдикат на УПОЗ.

Според Синдикатот и оваа институција се соочува со истите ризици на одлив на стручен и искусен кадар сега кога земјата влезе во евроинтеграциските процеси.

Оттаму потсетуваат дека Бирото прво го отвори билатералниот скрининг на земјава со Европската комисија и е носител на посебно поглавје во кластерот фундаменти, а вработените добија пофалби за ефикасноста и ефективноста со кои ги реализираа овие клучни активности.

Зошто никој не се сетил дека маргинализирањето на Бирото несомнено ќе ги ослабне капацитетите на државата да управува со системот на јавни набавки и ефективно да се бори против корупцијата? А неможноста правично да се вреднува трудот на вработените ќе доведе токму до тоа, се посочува Синдикат на УПОЗ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.