Собранието попладнево разгледа повеќе точки во рамки на 64.седница, но гласањето по Предлог-законот за изменување на Законот за вршење на работи за застапување во царинските постапки по скратена постапка, Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за полиција во второ читање, дополнет Предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи во второ читање и барањето за давање на автентично толкување на член 15 став (2), а во врска со став (4) од Законот за спречување и заштита од дискриминација поднесено од пратеничката Маја Морачанин, ќе биде дополнително закажано, поради немање доволен број пратеници во салата.

За останатите точки не беа создадени деловнички можности за да можат денеска да се разгледуваат и поради тоа седницата беше прекината, а за нејзиното продолжение пратениците ќе бидат дополнително информирани.

Во образложението на дополнетиот предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи во второ читање, пратеничката Даниела Николова од СДСМ рече дека извршено е ревидирање на конкретни одредби на Законот за внатрешни работи и се предвидени значајни измени и дополнувања кои се однесуваат не неколку суштински моменти.

Посочи дека со дополнувањето на овој закон се предвидува воведување на тест за интегритет на лицата кои се вработени во МВР и нивна континуирана проверка на интегритетот и тој тест има за цел спречување на корупцијата и злоупотреба на службената должност, извршување на работните задачи од страна на работниците на МВР на политички неутрален начин, допрецизирање на одредбите за засновање работен однос во МВР без јавен оглас, воведување обврска за поднесување изјава за имотната состојба и интереси, ревидирање на дисциплинските процедури, како и оперативна независност на полицијата.

Во образложението на делот кој се однесува на воведувањето тест за интегритет на лицата кои се вработени во МВР, таа посочи дека тој тестот претставува контрола на постапување на работникот во МВР и тоа во симулирана ситуација која е идентична на неговите работни задачи и активности без обврска претходно да биде известена организациската единица во која работи работникот.

– Негативниот резултат на тој тест претставува основа за поведува дисциплинска постапка против работникот бидејќи тоа би значело дека тестираниот работник не го докал својот професионален интегритет при извршување на задачите кои се во неговиот делокруг, не постапувал согласно законот и покажал склоности кон корупција…, додаде Николова.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ рече дека се работи за законско решение со кое се сака да се партизира МВР. Со ова законско решение, посочи таа, може да има унапредувања три скалила во МВР без потребни услови, јавни огласи ќе нема…

Пратеничката Маја Морачанин во образложението на барањето за давање на автентично толкување на член 15 став (2), а во врска со став (4) од Законот за спречување и заштита од дискриминација рече дека согласно членот 15 од Законот, се вели дека средствата за работа на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се обезбедуваат од буџетот, дека ги утврдува Собранието и дека со нив таа располага самостојно, но имало дилеми околу тоа дали во одредувањето на буџетот Комисијата своето предлог барање за одредена сума за буџетот треба да го доставува како и сите други буџетски институции до Министерството за финансии.

Посочи дека дилема поради која се побара ова автентично толкување е за начинот на вработување на луѓето кои ќе работат во Комисијата.

– Согласно Законот ние одредивме дека треба да има посебна служба која ќе може да работи во интерес на ефикасна заштита и спречување од дискриминација. Вработувањата за овие луѓе подлежат на спрведување на законот за административни службеници. Согласно тој закон секое барање за вработување мора претходно да биде одобрено од Министерството за финансии, потоа оди и во Министерството за информатичко општество…Тука се отвора дилема дали следејќи ги овие законски одредби навистина се постигнува потполна финансиска независност на Комисијата, потенцира Морачанин.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.