Директорите на поедини училишта и на градинки им се закануваат на вработените кои штрајкуваат дека ќе им бидат намалени платите за април поради недржење на настава, но тоа тие нема да можат да го сторат и СОНК ќе ги заштити, вели во изјава за МКД.мк претседателот на СОНК Јаким Неделков. Тој нагласува дека не треба да се грижат ниту вработените кои не се членови на синдикатот, зашто СОНК солидарно ги заштитува.

Законот за работни односи многу штуро го зел предвид прашањето за исплата на плата кон штрајкувачите, во смисла дека ќе им бидат исплатени придонесите, а не и дневници. Но, наставниците одат на работа, без оглед што не се држат некои часови, освен тоа, наставата по завршувањето на штрајкот ќе биде надоместена, така што нема причина за посегнување по ионака ниските плати на наставниците, вели Неделков.

Тој информира дека и во изминатите години, кога се штрајкувало, постоел договор со ресорното министерство дневниците да не им се одземаат на наставниците. Неделков е убеден дека таа мината пракса ќе ја има предвид и актуелното раководство на министерстсвото.

Тој е информиран дека некои директори на вработените им велат дека ќе им бидат намалени платите поради кратење на дневници, но и дека велат дека секако ќе добијат пониска плата оние вработени кои штрајкуваат, а не се членови на синдикатот.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.