Македонско-бугарската Комисија за историски и образовни прашања е важен елемент во процесот на преговори, бидејќи нејзината задача е да ја задржи дебатата по историски прашања, со цел политичарите, граѓаните и општествата не се занимаваат со тие прашања, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешниот брифинг со медиумите.
Османи посочи дека заклучокот од последната средба на Комисијата во Скопје за позитивна атмосфера и отворен дијалог се однесува на односите меѓу членовите, кога тие пред околу една година не постигнуваа никаков напредок, а средбите се одвиваа без обид да се разберат едни со други, со навреди и без сослушување.
Целта на комисијата не е да објавува резултати, целта е да ја задржи темата научно, да ја елаборира и да ја работи, а постојано да биде конструктивна и политичкиот процес да има доверба во тој инструмент. Мислам дека последниве неколку средби го постигнуваат токму тоа. Гледате дека ние како Влада не зборуваме за историски прашања, тоа е целта – тие да зборуваат. Првата цел е постигната, се сретнуваат често, што е исто така важно и еве двете страни имаме доверба дека почнаа да работат како што треба и нема потреба од наше вмешување, вели Османи.
Министерот истакна и дека позитивните коментари од бугарскиот премиер Кирил Петков немаат никаква разлика од тоа што тој го кажува денеска.
Во 2019 година е решено прашањето за заедничко чествување на Цар Самоил, Кирил и Методиј, Климент Охридски. Овие договори не се објавени, бидејќи чекавме во овој процес на заокружување на политичките прашања да најдеме начин кога и како ќе се објават текстовите, но членовите на Историската комисија од наша страна стојат во одбрана на тоа што го потпишале и го одобриле како текст. Во моментов се зборува дали тие содржини ќе се препорачаат на училиштата за учебниците и сепак оставам Комисијата да ги објасни тие детали, додаде Османи.
Тој заклучи дека се потребни почести средби на македонско-бугарската Комисија и оти во моментов не постои сомнеж кон нејзините членови дека ќе прават компромиси што се надвор од нивните убедувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.