Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има” испратила барање до Министерството за образование и наука да ја реши безбедносната состојба во училиштата, како што информира, „со временска рамка од 15 дена“.

Ние, родителите, веќе три години се бориме со образовните проблеми и денес повторно се спротивставуваме на насоката од МОН доколку има дојави за бомби учениците да следат настава на далечина од дома. Дојави за бомби нема еден месец, туку пет месеци. Го нарушија нашето секојдневие. Премногу стресно и тешко им влијае на децата и на поширокото семејство, се наведува во дописот во кој прашуваат: „кој ќе одговара за овие запоставени генерации?“, посочуваат од иницијативата.

Во барањето, потпишано од Драгана Спасевска, овластен претставник на оваа граѓанска иницијатива, се укажува на последиците од онлајн-наставата во корона-пандемијата кога, како што се посочува, 40 000 ученици не следеле настава зашто дома немале ИТ-уреди и интернет.

Ние, родителите, не сакаме реприза на пасивноста, анксиозноста и немањето волја за живот кај нашите деца. Затоа е време оваа власт да преземе одговорност, да ги седне на маса МОН, МВР и меѓународни сајбер-експерти и да го реши овој проблем. Во спротивно, ќе излеземе на протести и ќе ги искажеме и сите останати незадоволства, стои во дописот на Граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.