Повеќе објекти во државава и вчера беа евакуаирани поради дојави за експлозивни направи, за кои, како и во претходните денови, се утврди дека се лажни по проверките од единиците на Министерството за внатрешни работи. За дојавите за бомби надлежните вчера ги известиле и НАТО структурите, во МВР веќе е формиран посебен штаб, а се очекува да се свика и Советот за координација на кој што ќе се разговара од аспект на националната безбедност.

Во текот на вчерашниот ден цел на дојави за бомби беа десет скопски и пет битолски училишта, Меѓународниот аеродром Скопје, СЦ „Борис Трајковски“, Националната арена „Тоше Проевски“, Фудбалската федерација на Македонија, Ист гејт мол, како и неколку хотели.

Од објектот на хотелот „Александар палас“ беше откажана годишната конференција на Стопанската комора на Македонија на која требаше да се обрати премиерот Димитар Ковачевски.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера истакна дека за да се работи на случајот со дојавите за бомби формиран е посебен штаб во МВР.

Очекувам да се свика и Советот за координација на кој што ќе разговараме од аспект на националната безбедност, бидејќи тука мора да се вклучат и Ангецијата за национална безбедност и другите институции коишто се значајни во овој дел. Бидејќи ако дојавите се најава за тероризам тогаш сите треба да се вклучиме во ова за да дојдеме до стабилизирање на состојбата, потенцираше Спасовски.

Тој рече дека дел од пораките кои што се пратени се исти со оние кои ги добиваат и земјите во регионот.

Според премиерот Димитар Ковачевски, интензитетот и опсегот на упатените дојави, како и примерокот кој се применува за дојавите за бомби во државава, но и во други земји, дава основана претпоставка дека станува збор за хибридни напади.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера информира дека се алармирани структурите на НАТО за континуираните дојави за бомби во земјава. И Османи е на ставот дека се работи за хибридни закани што се случуваат и во регионот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.