Во колумната „Кој го прати Рашковски во Ниш?“ за Дојче веле аналитичарот Арсим Зеколи пишува за тема која остана во сенка на македонско-бугарскиот спор.

Според пишувањата на српската редакција на БИРН новинарите на БИРН Србија имале увид во документ во кој пишувало дека на состанокот во нишката кафеана „Мрак“ бил „шефот на кабинетот на премиерот на Македонија, Драги“,  меѓутоа, и покрај тоа што пишувало „шефот на кабинетот на премиерот“, БИРН Србија во нивниот текст, според нивните извори, тврди дека, всушност, станува збор за поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски.

Српското Јавно обвинителство за организиран криминал, како што дознава БИРН, во февруари годинава испратило барање за меѓународна правна помош до македонското Јавно обвинителство за организиран криминал и корупција, барајќи од нив помош за утврдување на идентитетот на корисниците на групата „Производство Росоман“.

Заедничкото истражување на БИРН Србија и на БИРН Македонија покажало дека освен плантажите во Росоман, во сопственост на фирмата ТХЦ Куалити груп, Колувија и неговите соработници контролирале уште една фирма во земјава која имала дозвола за одгледување канабис за медицински цели и една регистрирана за трговија и услуги.

Освен Колувија, меѓу сопствениците и директорите на трите фирми има и македонски државјани, а најголемо внимание привлекуваат братучедот на поранешниот генсек на Владата Драги Рашковски Александар Пиперевалиев и бизнис-пафртнерот на Вице Заев Горан Крстев. 

Ви пренесуваме дел од прашањата што ги отвора Зеколи.

Што бара генсек, задолжен за претежно технички прашања во Владата, да се среќава со човек како Колувија осомничен за плантажата Јованица во Србија? И воедно сопственик на службена полициска карта и беџ потпишана од тогашниот прв полицаец на Србија Ивица Дачиќ, за која неговиот адвокат тврди дека не е фалсификат. И уште побитно, што бара на таа средба да се среќава со шеф на воено разузнавање на соседна земја во критичен однос кон Алијансата на која и припаѓаме? Дали неговото учество е по приватна линија или со знаење и поддршка на неговиот претпоставен, Премиерот Зоран Заев? Кој бил капиталниот повод за средбата: нарко-криминалот или шпиунажата? Дали за таа средба биле навремено координирани или пост-фестум информирани нашите служби, посебно таа под капата на шефот на државата? Дали Министерството за одбрана, тогаш во надлежност на Радмила Шеќеринска, било информирано за средба која е сепак во нејзин домен според офицерот од Србија? Дали за средбата биле информирани нашите сојузници или пак се чувала во тајновитост од нив?

 

Домашните прашања се тешки, но оние пред меѓународната заедница се двојно потешки. Прво, локацијата на средбата „кафеаната Мрак на периферија на Ниш” е не толку далеку од базата на тнр. Руски хуманитарен центар кое се смета за центар на руското разузнавање во регионот. Второ, тајмингот на средбата е уште позагрижувачки. Средбата имено се одржува во најкритичните моменти на нашиот процес на зачленување во НАТО, непосредно по претседателските избори кај нас, именувањето на Еролд Муслиу на чело на Агенцијата за разузнавање и Виктор Димоски на АНБ,  одржувањето на најголемите воени маневри „Решителен удар” на Криволак и скандалот со СЈО. Од друга, српска страна, средбата се случила непосредно по посетата на Зоран Стојковиќ (во придружба на Александар Вулин, министер за одбрана на Србија) на Москва и средбата со рускиот генерал Валери Семериков, Секретар на ЦСТО (Организација на договорот за колективна безбедност) одржана на 25 април 2019 г.


Целата колумна на Арсин Зеколи на Дојче веле



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.