Политичкиот аналитичар Арсим Зеколи објави видео од 2001 година, во кое актуелниот министер во ОН, Љубомир Фрчкоски го изнесува својот чудовишен рецепт за конечно решавање на албанското прашање во регионот.

На социјалните мрежи циркулира телевизиска снимка од 2001 година, на која поранешниот министер за внатрешни работи Љубомир Фрчковски и актуелен македонски амбасадор во ООН, изјавува дека наместо да се преговара со терористите на ОНА во Македонија, подобро е да се побара воена интервенција од Бугарија и од Грција, по која, како што вели, „можеби ние ќе зборуваме бугарски, но тие (Албанците) ќе пливаат кон Италија“.

Политичкиот аналитичар и колумнист, Арсим Зеколи го објави на својата страница на Фејсбук ова интервју со коментар:

Секогаш кога ќе ја слушнете СДСМ-шовињаријата на Пендаровски, Зоран Иванов, Ковачевски, како попуваат за туѓи национализми, сетете се што нивниот амбасадор при ОН (и одбиен од САД) им посакува на Албанците. Македонија и особено СДСМ отсекогаш биле и остануваат тврдина на фашизмот на Милошевиќ и на Вучиќ, повеќе и од самата Србија.

Во интервјуто, дадено за телевизијата Сител и на водителот Васко Ефтов, Фрчкоски вели:

Тие (Албанците) не можат да продуцираат структура, тие не можат да продуцираат ни мала Албанија, тие може да продуцираат само голем регионален хаос. Во случај на соочување со теза за преговарање со терористите, подобро за земјата, апсолутно поприфатлива опција е интервенција на грчки и бугарски војски заедно со нашите, по онаа логика, која ја слушам наоколу и од мои студенти: „Можеби ние ќе зборуваме бугарски, но тие ќе пливаат кон Италија“. И тоа се врзува за една широка омраза која се развива и која ја заменува толеранцијата и која ќе заврши во воени дејства од пошироки размери, кои се исплатливи за соседните земји, зашто и тие го решаваат албанското прашање, кое може и нив да ги допре, на територијата на Република Македонија – вели Фрчкоски.

Интервјуто најверојатно е дадено во екот на зачестените напади од албански вооружени групи во земјава, а пред почетокот на преговорите со нив, кои резултираа со потпишување на Охридскиот рамковен договор. Во тој период се појави и контроверзната иницијатива за размена на територии и население помеѓу Македонија и Албанија, за што во весниците се појавија и карти со исцртани нови граници меѓу двете земји. Иницијативата тогаш ја поддржаа и високи кругови на МАНУ, но по бурните реакции на јавноста, академијата се дистанцираше од неа.

Освен министер за внатрешни работи, професорот на правниот факултет на УКИМ во Скопје Љубомир Данилов Фрчкоски, во еден мандат беше и министер за надворешни работи, беше советник за надворешна политика на претседателот Борис Трајковски, а во моментов е амбасадор на Република Македонија во Обединетите Нации.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.