Откако вчера министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, обзнани дека 2.252 незаконски исплаќања биле направени на сметките на корисници на средства за гарантирана минимална помош, со што е направен милионски криминал во МТСП преку злоупотреба на системот за социјална заштита и незаконско и противправно исплаќање на овие средства, пристигнаа низа на реакции, прво од поранешната министерка Јованка Тренчевска, а денеска и од директорите на Центрите за социјална работа.
Навредите на еден министер кон сите вработени и повредата на достоинството на директорите е неприфатливо однесување за предводник кој треба да влева доверба и сигурност кај граѓаните!
Како директори јавно го искажуваме своето незадоволство од непромислените изјави на техничкиот министер, Велковски на вчерашната прес-конференција. За еден професионалец да работи во социјална заштита потребна е посветеност, толеранција и емпатија, чиста професионалност и информираност, а пред се знаење. Министер што не ги проверува информациите пред да ги каже во јавност а притоа ги навредува сите вработени во институцијата каде моментално тој е на чело е целосно неприфатливо.
Бараме извинување за нарушување на интегритетот на нашите вработени, како директори го цениме трудот на вработените и никакви политички игри не смеат да ја навредат нивната професионалност!
Човек што не ги почитува вработените, не може да води едно од најголемите министерства во државата!, се вели во нивната реакција.
Од МТСП, пак, порачаа дека овој „оркестриран напад на вчерашните објави за сторен криминал од страна на раководни лица во ЦСР“ нема да ги поколеба јавноста да ја дознае вистината за тоа како се исплаќала социјална помош и социјални пензии.
Овој атак има име и презиме а јавноста многу добро знае кое е тоа. После вчерашната прес-конференција на повидок излезе грубата партизација на Министерството од изминатите министри. Од вчера сме сведоци и на притисоци кон вработени и инспектори да не се доставуваат податоци за откриените злоупотреби.
Директорите на центрите за социјална работа, кои се поставени од претходните министри на СДСМ, откривањето на противправни исплати на социјална помош го престават како навреда кон вработените.
Во прес-конференцијата во ниеден момент не се потенцира кои се одговорни лица вмешани во овие злоупотреби, туку се посочуваат дека во ова се вклучени повеќе лица кои понатамошните постапки ќе ја утврдат одговорноста.
Почитувани директори на центрите за социјална работа, Доколку се докаже дека по откривањето на овој скандал направите макар еден прекин на социјална помош по основот кој го наведовме дали ќе ја преземете комплетната одговорност за злоупотреба на исплата на средства на лица кои не исполнувале законски услови со месеци или години назад?, велат од МТСП.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.