Владината мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час е голема поддршка за непречено организирање на наставата во форма која е од најголем интерес за учениците – со физичко присуство во училниците, соопшти Министерство за образование и наука.
Вкупно 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта добиваат поддршка од државата заради непречена работа и реализација на мисијата заради која и постојат – едукација на младите.
Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што, се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината, се вели во соопштението.
МОН уште еднаш апелира владините препораки за рационално користење на електричната енергија доследно да ги почитуваат сите образовни институции и установи. Штедењето на електричната енергија, како што наведуваат, е еден од факторите кои влијаат на одржливоста на наставата во училниците, но од друга страна се подигнува стабилноста на енергетскиот систем и се обезбедува доволно електрична енергија за потребите на домаќинствата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.