Битолскиот актер Васко Мавровски вчера бил повикан на распит во полиција, по пријава на министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.

Синоќа во 21:30 часот од страна на двајца полициски службеници бев повикан под итно да ја напуштам пробата во НУ Народен театар Битола за да ми биде врачен некаков документ. Иако за нас актерите пробата е свет чин бев приморан да го напуштам објектот. Пред влезот на НУ Центар за култура во период кога публиката ја напушташе кино проекцијата полицијата ми даде да потпишувам покана за информативен разговор во полициската станица со напомена дека веднаш треба да бидам спроведен. По кратко натегање прифатија сам да се пријавам во рок од 20 минути. Заедно со мојот адвокат се пријавив во полициската станица и ми беше соопштено дека министерката за култура во полициската станица во Кисела Вода пријавила дека таа и нејзиното семејство чувствуваат дека нивниот живот е загрозен поради споменувањето на „продолжен кабел“ во мој пост на фејсбук неколку часа претходно. После 40 минути распит и давање на изјава од моја страна бев ослободен од страна на полицискиот службеник, вели Мавровски, споделувајќи ја објавата за која бил пријавен.

Сакам, додава Мавровски, уште еднаш директно да ја повикам Бисера Костадиновска Стојчевска и да ѝ поставам неколку прашања.

Дали со применување на вакви удбашки и фашистички методи планирате да ги замолчувате вашите неистомисленици?
Дали културните работници планирате да ги апсите за искажан став во врска со вашите катастрофални резултати во културата?
Дали ваквиот пристап од позиција на моќ значи замолчување и цензура на политичките противници, бидејќи веројатно сте информирани дека во моментот мојата маленкост е портпарол на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола и претседател на Патриотскиот институт “Гоце Делчев” на ВМРО-ДПМНЕ ОК Битола?
Дали на ваков начин ќе ги решавате проблемите во културата особено во вашиот роден град во кој немате потрошено еден денар за капитални инвестиции?
Ние, почитувана цел нас живот штедиме и работиме без греење со стари рефлектори и користиме тоалети кои датираат од 1980 година. Борбата за слобода на говорот и нецензурирана култура ќе продолжи уште пожестоко, вас и на вашето семејство ви посакувам многу здравје но сметам дека е време за ваша оставка!
Ваквите методи на присила генерации наназад ги спроведувале на членови од моето семејство и да знаете дека во генот ни е наместо да се исплашиме да бидеме посилни и поупорни правдата и вистината да излезат на виделина, пишува Мавровски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.