Министерството за надворешни работи и надврешна трговија утре ќе го повика бугарскиот амбасадор во државава Желјаско Радуков за фотографирањето пред бугарското знаме на претседателите Румен Радев и Гордана Сиљановска на средбата завчера во Софија.
Во врска со најавата на претседателката Сиљановска Давкова информираме дека во текот на утрешниот ден во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија на разговор ќе биде повикан Амбасадорот на Република Бугарија, изјавија за МИА од МНР.
Од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова вчера најавија дека ќе побараат објаснување за фотографијата пред бугарското знаме направена во Кабинетот на претседателот на Бугарија иако, како што нагласуваат оттаму, ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен.
Она што фрли сенка на настанот е отстапувањето од договорениот протокол за средбата, според кој, не требаше да има фотографии во рамките на затворениот простор. Но, за жал, пред почетокот на тет-а-тет средбата, претседателот Радев ја покани претседателката да направат заедничка фотографија пред бугарското знаме, иако ваков потег и чин не беше предвиден, ниту договорен. Сакаме да веруваме дека се работи за протоколарен превид, а не за намерна постапка и отстапка од договореното и веќе утре ќе побараме објаснување од бугарска страна, наведоа од Кабинетот на претседателката Сиљановска Давкова.
Воодушевена од настапот на Бугарската опера во Скопје со вагнеровата „Валкира“, македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова, убедена во моќта на културната дипломатија, како што објаснија од нејзиниот Кабинет, вети дека ќе присуствува на настапот на Македонската опера во Софија со вердиевиот „Набуко“.
За таа цел, на 13 септември ја посети Република Бугарија, придружувана од министерот за надворешни работи и трговија Тимчо Муцунски и министерот за култура Зоран Љутков. По тој повод, беше договорена тет-а-тет средба со претседателот на Република Бугарија, г-динот Румен Радев, ручек на македонските и бугарските претставници, како и заедничко присуство на операта „Набуко“, во изведба на Македонската опера и балет. За жал, трагичниот настан, односно авионската несреќа ги спречи претседателот и неговата сопруга да ѝ се придружат на претставата. Обајцата се извинија за спреченоста. Средбата и заедничкиот ручек поминаа во извонредно пријателска атмосфера, од пречекот до крајот, посочуваат од нејзиниот Кабинет.
Фотографијата на која Сиљановска Давкова и Радев се ракуваат пред бугарското знаме во неговиот Кабинет предизвика реакции во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.