Пратеничката Славјанка Петровска и поранешна министерка за одбрана од СДСМ го обвини премиерот Христијан Мицкоски дека на првото, официјално, владино патување во САД на самотот на НАТО со себе си го зел синот. Потоа се огласи и СДСМ. Од таму велат „Универзитетот Џон Хопкинс на официјалниот профил на Твитер, објави фотографии од посетата на Мицкоски од САД каде според инфомрациите од медиумите, со него е неговиот постар син.

Мицкоски мора итно да ја информира јавноста дали го носел синот во САД на државен трошок и да се произнесе околу целата ситуација. Мицкоски кој од самиот универзитет порача дека правото и правната држава за него се приоритет, очигледно решил тоа да важи за сите освен за него. Исто така, бараме Владата да го објави списокот на сите лица членови на делегацијата во САД кои патувале на трошок на граѓаните, за да се потврди или отфрли оваа информација. Изјава на Мицкоски нема да биде доволна. Владата најави отвореност и транспарентност, сега е шанса тоа да го покаже“- посочија од опозицијата.

Најпрво со демант се јави ВМРО-ДПМНЕ:

СДС се спушти на многу ниски гранки чим си дозволи брутално да ги меша децата и најблиското семејство на премиерот Мицкоски. Не е малку што со години е предмет на најцрната кампања од СДС, за да сега Петровска која доживеа изборен дебакл го вмешува синот на Мицкоски. Тоа значи дека го пробија дното.

Фактите се следни:
Синот на Мицкоски не е дел од официјалната делегација во НАТО самитот. Иако претседателот Мицкоски има право на придружен член на делегација, патувањето на неговиот син државата не ја чини ништо, односно сите трошоци се подмирени приватно од семејството на Мицкоски. За разлика од времето кога премиерот на СДС Ковачевски ги донесе децата како членови на официјална делегација.
Ако делегацијата сакала да сокрие нешто сигурно немаше да има фотографии од истата. Напротив се е транспарентно.
Ефектите од патувањето на претседателот на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ се повеќе од очигледни.
Над 20 средби со лидери на држави членки на НАТО.
Средба со врвот на НАТО.
Достоинствено преставување на македонските интереси.
2 крупни инвестициски одлуки.
Нова инвестиција на Вабтек, 35 милиони евра и над 100 вработувања.
Специјална економска соработка со Унгарија, 500 милиони евра за компаниите и општините.
Токму поради ова поразено однесување на СДС на наредните избори тие 180 илјади гласови кои ги освоија на последните избори ќе им бидат недостижна цел.

Со демант се огласи и МНР:

Во насока на транспаретно работење и целосно информирање на јавноста, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ги отфрла тврдењата изнесени на денешната прес конференција на СДСМ.

Воедно, би сакале да ја информираме јавноста дека, делегацијата на Самитот на НАТО беше точно определена од страна на Алијансата и таа броеше вкупно 21 член, согласно протоколите на НАТО. Притоа, потенцираме дека Јован Мицкоски, синот на Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски не беше еден од членовите на делегацијата, иако Претседателот Мицкоски имаше покана за придружба од член на семејството.

Истовремено информираме дека за патувањето на Јован Мицкоски не се потрешени средства од Буџетот на Република Македонија.

За сите дополнителни информации, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија останува отворено за јавноста.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.