Ние подолго време предупредуваме дека ние како држава сме презадолжени и навистина влегуваме во црвена зона, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска од Петровец во рамки на кампањата Важно е! Од тебе зависат промените, одговарајќи на новинарско прашање кој е неговиот коментар за состојбата со задолжување од страна на владата.

Мицкоски потенцираше дека владата на многу чуден начин го зголемува прагот на домашното задолжување од 350 милиони евра на половина милијарда евра, посочувајќи дека само каматите кои ги вратила за овие 9 месеци изнесуваат некаде од околу 250 до 260 милиони евра, како и дека до 2027 година оваа бројка ќе изнесува 4250 милиони евра.

Самата влада на чуден начин го зголеми прагот за домашното задолжување од 350 милиони евра на половина милијарда или 500 милиони евра. Само во првите 9 месеци од оваа година по основ на камати имаат некаде од 250, 260 милиони евра платено. Во 2027 година таа бројка ќе изнесува фантастични 425 милиони евра, изјави Мицкоски.

Според претседателот Мицкоски ова претставува злодело, бидејќи владата на СДСМ и ДУИ ги задолжува неродените генерации и сето тоа на сметка за приватни и лични интереси на неколкумина корумпирани и неспособни политичари.

И ценам дека ова што тие го прават претставува едно злодело, задолжување на неродените генерации на сметка на приватни и лични интереси на неколкумина корумпирани и неспособни политичари, кои за жал на народот се дел од оваа влада уште некое време, рече Мицкоски.

Мицкоски упати апел до владата да престанат, бидејќи за ваков тип на расипништво и ваков тип на однесување со државните ресурси ќе следува одговорност, укажувајќи дека измените на Кривичниот законик нема да ги амнестира од одговорност.

Навистина апелирам да не го прават тоа, кое што не сакаат ним да им се прави. Ваков тип на расипништво, ваков тип на однесување ниту еден влада во минатото не го направила. Затоа повикувам на свесно и одговорно располагање со државните ресурси. Ќе има одговорност, не знам колку пати треба да им кажам дека ние не се жалиме, без разлика на тоа дека го злоупотребија европското знаменце, па носеа измени во Кривичниот законик мислејќи дека ќе се амнестираат, нема тоа да им помине. Ќе има одговорност, да не биде после тоа дека не сме ги предупредиле, порача Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.