Вчера при посетата на општина Штип што е во рамки на кампањата насловена „Важно е! Од тебе зависат промените“, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше запрашан од граѓанин што ќе се прави со економската ситуација во државата, платите се минимални, а цените астрономски.

„Што ќе правиме со економската ситуација? Платите ги знаеме минимални, цените астрономски што правиме со нив? Економијата е лоша, што ќе правиме со тоа? Пензии мали да не кажуваме за другите, ние што земаме плати 20 илјади тоа да не ги спомнуваме, оти и јас сум еден од тие со минималецот“, праша граѓанинот на Штип.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори дека пари има во Буџетот, но лошото е што се трошат за проекти кои никој не ги гледа.

„Пари има, пари има во буџетот, лошото е што парите од буџетот се трошат за проекти коишто никој не ги гледа. Потрошија повеќе од 200 милиони евра за проект кој никој не го видел, проектот коридор 10Д, проектот коридор 8 итн. А, се што направија во форма на политики и реформа досега е практично од денес за утре, без никаква стратегија, план и резултатот од сето тоа е повисоки цени, понизок стандард и примања на граѓаните коишто не можат да си дозволат ни елементарни основни прехранбени производи“, појасни Мицкоски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ како опозиција многупати има понудено решенија, но власта немаше слух.

„Ние како опозиција излеговме во јавноста, понудивме многу пати решенија досега. Сега создаваме еден нов економски концепт коишто сето ова ќе го има во предвид и со тој економски концепт ќе имаме брз и интензивен економски развој којшто ценам дека уште во првите две години од мандатот ќе биде препознаен и со повисоки пензии и со повисоки плати и со повеќе пари и за земјоделците и за младите. Парите се тука, проблемот е што се трошат и се крадат. Тоа е најголемиот проблем што имаме во Владата политички криминалци коишто ги крадат парите инаку тука се парите, само што наместо кај народот, завршуваат во џебовите кај овие политички криминалци, тоа е првиот чекор којшто треба да го направиме. Парите да ги вратиме кај народот“, нагласи Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.