За политичките опоненти од власта претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Охрид рече дека историјата може само да ги забележи како лош период во кој заради нив се изгубила човечноста, се уништиле вредностите, се изгубил редот, се изгубила и понижила државата.

По ништо друго нема да ги памтиме. Ако ги слушате нив ќе помислите дека живееме во Елдорадо, и сите се среќни и богати, имаат изгубено контакт со реалноста. Рекордери се во Европа по корупција и криминал, нема извештај што тоа не го потврдува, рекордери по сиромаштија и апатија, рекордери по инфлација, 600 илјади граѓани живеат со 150 денари дневно, а македонската младина е најнесреќна во Европа. Граѓаните не си одат државата туку бегаат. И не само Македонците, сите… би рекол најмногу Албанците, затоа што и тие се разочарани од политиките на партијата која е рекордер по години на владеење во светот, ДУИ, и која истовремено на толку криминал сторен нема еден нивни член кој е во затвор. Да не должам, да ви кажам: „Ќе одговарате за сè. Дебело ќе одговорате. Не е ова никаква закана. Ова е мое ветување“. 

Мицкоски сподели видување на пријател, Албнанец, со кого ги дискутирале политичките односи во моментов.

Еден пријател Албанец со кого се знам долги години, семејни пријатели сме, ми вели некои имаат впечаток дека со ова што ВМРО го напаѓа ДУИ му прави услуга на ДУИ и му го качува рејтингот. Јас му велам, не ги потценувај Албанците. Албанците се мудри и еснафи. Гледаат знаат. И тие не се среќни во државава. И нивните деца и внуци си бегаат надвор. Сигурно не бегаат затоа што ДУИ добро владее. Напротив. Бегаат затоа што гледаат дека од ДУИ бел ден не можат да видат. Им смета што се краде, а тие се секој ден се посиромашни, им смета што Артан вози коли на фирми кои добиваат тендери по институциите, додека тие едвај врзуваат крај со крај, им смета што нема учебници во школите затоа што фирма блиска до Артан зела тендер за печатење учебници и си поделиле пари, а книги нема. И на Албанците како и на Македонците им смета што сите продукти во продавниците се поскапени до облаци. И имаме највисока инфлација во регионот. Од лидери во регионот станавме последна дупка. Овие 7 години се години на пропаст, и со право кај и да одиме луѓето, Македонците, Албанците, и сите останати ни велат нема веќе држава. Власта на ДУИ со нивните пудлици од врвот на СДСМ ја уништија државата. И сега е моментот. Или народот ќе си ја врати во свои раце или целосно ќе се изгуби. И ние како генерација мора да сфатиме дека ова тешка задача историска ни е доверена на нас. Ни доаѓа во наше време, порача Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека проблемите не ги одбираат луѓето ни времето во кое доаѓаат.

Сега дошле и наша е одговорноста да ги решаваме и да направиме подобро. Да има раст и развој, да има соживот, да има среќен и задоволен народ. Ветуваа живот – го уништија животот на илјадници луѓе, ветуваа Европа, нè заглавија во корумпирана држава без пасоши, ветуваа просперитет и благосостојба донесоа апатија и разочарувања. Од толку многу скандали кои некогаш се и по два три дневно, не можеме веќе и да се сетиме на сите. Не можеме да се сетиме на сите глупости што ги направија. Но, ако не може да се сетиме, не значи дека чувството на разочараност нè напуштило или дека гневот што ја урнисаа државата ќе ни помине, заклучи Мицкоски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.