Најпрво како човек, а потоа како пратеник и координатор на пратеничка група во Собранието, сакам да изразам огромна згрозеност од денешното недолично, безобразно и срамно однесување во Собранието, на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев, напиша на неговиот фејсбук профил Никола Мицевски, координатор на пратеничката група на ВМРО – ДПМНЕ.
Очигледно, комплексите, нервозата и агресијата, домашното невоспитание и недостигот на основна култура, денес ја доживеаја својата кулминација. Неконтролираниот излив на физички и вербален бес и навреди на лицето Димитар Апасиев кон колегите пратеници, мажи и жени, беше само уште еден очаен обид на таканаречениот „универзитетски професор“ да ја задоволи својата жед за медиумско внимание и „лајкови“ на социјалните мрежи, објави Мицевски.
Единственото добро што може да произлезе од ова ниско, скандалозно и срамно однесување на Димитар Апасиев, пишува тој, е тоа што целата македонска јавност, во живо на собранискиот канал, имаше можност да види и да се увери во вистинското лице на Д. Апасиев и начинот на кој што нивната „фејсбук“ партија делува, размислува и се однесува.
Јавно извинување и искрено каење за недоличните зборови и постапки кон колегите пратеници од страна на човек кој не поседува основни човечки вредности и достоинство, не барам, а искрено и не очекувам. Но барем, очекувам да се покае и извини до сите жени, мајки, сестри, сопруги и девојки кои денеска тој, индиректно најбрутално ги навреди и понижи. На крајот би упатил порака со надеж и желба, овој срам никогаш да не се повтори!, напиша на фејсбук Никола Мицевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.