Македонци, денес вашата земја го прави првиот клучен чекор на патот на преговорите со Европската Унија. Земјата презеде важни реформи и знам дека Македонците се посветени на нашата заедничка иднина во ЕУ, наведе претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел во изјавата по повод отворањето на пристапниот процес на Македонија и Албанија во ЕУ.
Сфаќам дека патот до оваа точка е долг и предизвикувачки. Како што видов од прва рака, дебатата беше особено интензивна во Македонија, но на крајот доведе до позитивно гласање во националниот парламент, Собранието, потенцира Мишел.
Тој нагласува дека на патот кон полноправно членство во ЕУ, Македонија може да смета на неговата целосна поддршка.
Денес, конечно направивме важни чекори напред во отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија. Во Брисел се одржаа меѓувладини конференции на министерско ниво за спроведување на одлуката на Европскиот совет од март 2020 година за отворање на пристапните преговори. Им честитам на властите и на граѓаните на Македонија и Албанија за ова долгоочекувано достигнување, потенцира Мишел.
Според претседателот на Европскиот совет, денешното одржување на меѓувладините конференции ја отклучува следната фаза и за Албанија и за Македонија, бидејќи ќе започне процесот не само на објаснувачки, туку и билатералните скрининг.
Претстои напорна работа за нашите преговарачи, во Скопје, Тирана и Брисел, во оваа клучна фаза. Во наредните месеци ова ќе изгради солидна основа за отворање на кластерите на преговарачките поглавја. Паралелно, ЕУ ќе се фокусира на повторно поттикнување на процесот на проширување. На состанокот на лидерите ЕУ-Западен Балкан и на јунскиот Европски совет, решивме да внесеме нова динамика и нова определба да одиме напред заедно. Дополнително ќе ја унапредиме постепената интеграција на ЕУ и регионот, веќе во текот на процесот на проширување. Западен Балкан припаѓа на ЕУ и ние треба да го оствариме тоа. Нашата иднина е заедно, а иднината на нашите деца ќе биде попросперитетна и побезбедна додека го унапредуваме нашиот проект за заеднички вредности, додава Мишел во изјавата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.