Министерот за труд и социјална политика Ѓоко Велковски денеска на прес-конференција посочи дека во период од јуни 2022 година до минатиот месец се дадени незаконски парични средства на над 1000 граѓани во име на социјална помош. Со ова, како што рече, е оштетен буџетот на Министерството за над 2.5 милиони евра.

Тој потенцираше дека во моментов се изготвени и донесени 1.134 решенија за прекин на гарантирана минимална помош и социјална сигурност, со забрана за користење на правото во наредните 12 месеци.

Велковски подвлече дека граѓаните имаат право на редовен правен лек до второстепените органи па дури потоа центрите за социјална работа ќе склучат спогодби за враќање на неосновано примените парични средства.

Ја искористиле ковид кризата кога се олесниле условите за користење на социјалните права од аспект на поседување регистрирано моторно возило и во системот влегле сите возила постари од пет години. Иако официјално ковид кризата завршила на 30.06.2022 година, ништо не се преземено за преиспитување на предметите на корисниците што поседуваат регистрирано моторно возило и истите останале во системот на социјалната заштита и неосновано ги користеле правата, изјави Велковски.

Според Велковски, во Законот за социјална заштита од 2019 година и подзаконските акти е определено дека доколку подносителот/корисникот поседува регистрирано моторно возило не може да го оствари и користи правото на ГМП.

Оттука се поставува прашањето што работеле раководните структури на министерството во овие 18 месеци, додаде Велковски.

Тој посочи дека на 20 јануари оваа година е склучен договорот за размена на податоци на дата базите по електронски пат помеѓу тогашните министри Тренчевска и Спасовски.

Првата размена на податоци е направена дури на 5 март оваа година што го поставува прашањето: Зошто се чекало? А што правела министерката до 20 јануари 2024 година? Дали се обезбедувале податоци секој месец како што предвидува законот или пак размената на податоци преку CD или USB е доставувано во нереално време односно со задоцнување од неколку месеци со што се овозможило во системот да влезат лица на кој не им следуваат овие права. Се уште останува енигма и прашањето, зошто се чекало моето назначување како технички министер за да почне размената на податоците кога истата можела да се направи и веќе наредниот ден а тоа е 10 дена пред моето назначување за министер, посочи Велковски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.