Правилото победник со победник заврши оној момент кога Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило тука заврши и е веќе категорија која е во историјата на македонската политика. Никој нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање – изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Клик плус“ на ТВ21, потенцирајќи ДУИ треба да оди во опозиција.

Мицкоски истакна дека формирањето влада треба да се води според програма и така да се бираат политичките партнери, бидејќи потребно е зрело однесување и рационално носење на вистински оценки за политичките потези.

Формирањето влада не е прашање на чест, туку прашањето на Устав. Во политиката, Уставот да е тој кој е пред и над се – порача Мицкоски.

Во врска со прашањето за Бадентер, Мицкоски истакна дека тоа е во Уставот и дека ако се сака да има успешни реформи и владеење, тоа правило мора да биде испочитувано.

Таков е Уставот и затоа ако сакате да бидете успешни во политиките морате да водите сметка и во таа насока да дејствувате. Во Совет на Град Скопје имаме коалиција со Алијанса за Албанците, која има помалку од ДУИ, и имаме начин како тоа правило на Бадентер да го почитуваме преку другите етникуми застапени во советот – нагласи Мицкоски.

Тој порача дека политиките мора да се носат зрело и одговорно бидејќи со такви потези ќе одат напред и државата и народот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.