Изминатиов период имаше лидерска средба во Собранието и можам да кажам дека Македонија е уморна од состаноци на политичари во вратоврски на коишто не се носат одлуки туку само се парадира, додека зад завесите се продолжува со истите погубни политики кои земјава ја тонат уште подлабоко и со уште поголема брзина. Таквиот декор продолжува неславни традиции, а не носи решенија за народот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во својот говор на настанот организиран од партискиот подмладок.
-Единствената лидерска средба на Македонија која ѝ е потребна и за која со задоволство ќе придонесам е лидерска средба на која би седнале сите општествени чинители и би разговарале за платформа за Македонија и нејзиното стратешко позиционирање во однос на отворени прашања. Во регионов и светот се случуваат сериозни преструктуирања, процеси и се искажуваат отворени аспирации за многу прашања кои не се затворени, а ние како држава немаме шанса да зборуваме. Во тој микро поглед секогаш се знаат и позициите на нашите соседи, додека Македонија ја пропушта и оваа шанса да фати чекор со процесите, заглавена во секојдневието каде се дебатира за сервираните вештачки теми на власта. Додека домот полека прокиснува, темелите се нишаат, ѕидовите пропаѓаат. Затоа на Македонија ѝ треба средба на која ќе седнат сите општествени авторитети, академици, професори, претставници на универзитети, новинари, писатели, младински лидери, на која ќе се разговара за платформа, за позиции и прашања за стратешкото позиционирање на Македонија наспроти сите предизвици, во однос на европската иднина, во однос на бугарското прашање, во однос на националниот консензус за значајните прашања што го немаме, за економскиот стандард и живот. Една платформа што ќе ги обедини сите, а целта ќе биде една и заедничка – МАКЕДОНИЈА. Македонија во која има промени, пристоен живот и иднина. Тоа е и концептот за нов општествен договор кој почива на принципите на мојата визија за заедничкиот патриотизам за кој во неколку наврати сум говорел, рече Мицкоски.
Истакна дека таквиот заеднички патриотизам треба да даде одговор на сè она што како сидро нè влече надоле и да нè обедини околу желбата да се тргне напред. Да покаже дека има надеж и нашите луѓе да ги зачува во родната земја.
И затоа власта не сака да говориме за ваквите теми. И затоа тие кога ќе сакаат јас да зборувам за Ванчо, ќе ги оставиме нив во историјата, а јас ќе зборувам за решенијата за сегашноста и иднината. Затоа кога тие ќе сакаат јас да зборувам за тоа што мислам за 2008-ма, 20012-та, за минати личности во политиката, јас ќе зборувам за генерацијата што е пред мене, што треба да ја донесе иднината. Кога тие ќе зборуваат за проблеми, јас ќе зборувам за решенија. Кога ќе сакаат тие да донесат апатија и страв, јас ќе донесам надеж и сигурност. Македонија мора да ја менува грдата реалност. Македонија мора да донесе промени. Заедничкиот патриотизам значи заедничка радост за сите наши успеси и значи гасење на секоја омраза и поделба. Заедничкиот патриотизам значи на секој еден човек во секој град и село да му кажеме дека надежта е родена и дека има излез. Решението е во секој еден од нас и разликата ќе ја направиме доколку масовно се испорача гласот на народот, рече Мицоски.
Посочи дека сака да зборува за заедничкиот патриотизам каде економијата и иновациите се главните двигатели. Отворањето на нови добро платени работни места кои вети дека ќе се случат.
Заеднички патриотизам кој подразбира со младите да дебатираме за наука, за повеќе можности, прогрес, а не за висината на студентскиот оброк кој се подразбира дека веќе е стекнато право. Заеднички патриотизам – за да ги вратиме и да ги задржиме младите луѓе. Да се распостелат со својот талент кој не смее да е залудно потрошен. Македонија – земја на надеж и слобода, земја која мора да прави големи чекори напред. Македонија – земја на Македонци кои имаат свој заштитен идентитет, свои победи кои не негираат други права, свои извојувани битки и живот во заедништво и за заеднички цели. Заедничкиот патриотизам е новото преструктуирање кое Македонија треба да ја издвои од просечноста, да ја врати на патеките на надеж и ентузијазам ист таков каков во првите денови на самостојност. Заеднички патриотизам со најмалку петоцифрен економски раст кој ќе се зголемува секоја година. Наместо да ги броиме затворените работни места да се радуваме на новите фабрики, домашни и странски инвестиции. Новите бизнис-инкубатори, претприемачки иновативни центри, кои ќе го јакнат претприемачкиот дух. Заедничкиот патриотизам треба да биде “conditio sine qua non” на Македонија, надежта и есенцијата без која не се може. Главниот мотор на промените, рече Мицкоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.