Аферата „Паразити“ покажува нефер третман на граѓаните во Македонија. Додека секој просечен човек едвај врзува крај од први до први, една мала група послушници на власта на грбот на сите граѓани енормно се богати и има огромни примања, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во интервју за „Република“.
Тој објаснува дека од Владата слушаме како ќе ги намалувале платите, паушалите, хонорарите, а од друга страна гледаме како овие послушници се богатат и стануваат милионери во еден мандат и заработуваат по неколку стотици илјади евра.
Тоа е еден лицемерен однос и двојни стандарди од страна на Владата кон граѓаните и го покажува вистинското лице. Ова Влада по сите параметри е најнеуспешна и најманипулативна. Има работи кои ги прават со намера, а има и работи кои не знаат да ги прават и сето тоа кога ќе се обедини во еден мозаик, доаѓаме до оваа афера „Паразити“, дециден е Мицкоски.
Тој го искоментира и новиот скандал со даваањето на македонски пасоши на сомнителниот украински политичар.
Кога ја отворив првата афера, тогаш министерот Спасовски ме обвини дека сум ја попречил истрагата, а тој што го правел кривичното дело беше обвинет и дел од тие луѓе завршија во затвор. Дали се тоа вистинските кои требаше да завршат во затвор? И тогаш и сега тврдам дека не се, бидејќи тоа не се луѓе кои можат на своја рака да се сретнат со еден Вукотиќ или Седат Пекер и да даваат пасоши туку тие мора да ја добијат наредбата по вертикална хиерархија и за жал тој што е највиновен, односно првиот, е сè уште министер за внатрешни работи. Таков е и овој случај. Пасош му е издаден на лице кое е на црна листа на САД. Од една страна, устата им е полна про ЕУ и про НАТО, а од друга страна за криминал и за тие пусти пари се подготвени сè да направат. Како човек сум шокиран со каква леснотија се даваат пасоши на лица со сомнително минато.
Ветува сериозна истрага за сево ова кога ќе дојдат на власт.
Ќе треба многу работи да се истражат и да се проверат веднаш веднаш по формирањето на новата влада од страна на ВМРО-ДПМНЕ и да биде најстрого санкционирано за да не се повторува. Стојам на ставот дека тие пасоши не можат да ги дадат вработените шалтерски работници и тие мора да добијат насока од повисоките инстанци. Ќе се открие еден по еден кои се наредбодавателите, креаторите, сценаристите, ветува лидерот на опозицијата.
Зборувајќи за измените на Законот за здруженија и фонадации Мицкоски објаснува дека тие биле иницијатори за овие измени и треба веднаш да се тргне кон затворање на тие клубови бидејќи македонскиот клуб кој беше отворен во Бугарија, веднаш беа затворен.
Мицкоски ги разјаснува дилемите кои се појавија во јавноста дали побарал затварање на клубот „Ванчо Михајлов“ или само на „Цар Борис“.
Затворањето на бугарските клубови не е од причина зашто некој бил или не бил соработник со некој режим. Тоа е поради политички реципроцитет. Ако Македонците во Бугарија не можат да имаат свој клуб каде што културно ќе се организираат или да имаат права кои се резултат на пресудите на Судот во Стразбур, јас не гледам ниту една причина зошто овие 1500 граѓани на Македонија кои се декларираат дека бугарскиот јазик им е мајчин да имаат таков клуб и да се организираат во Македонија. Дали е тоа клуб Иван или Ванчо Михајлов или е Цар Борис Трети за мене во политичка смисла е сеедно. И двата треба да бидат затворени, а трет и не треба да се дозволи. Кога зборуваме за политички реципроцитет, тогаш не треба ниту еден клуб да биде оставен отворен бидејќи на нашинците во Бугарија не им е овозможено да имаат свој клуб.
Тој ја откри вистинската намера на СДСМ.
Намерата на СДСМ беше вулгаризирање на тоа што го зборував јас во една неодамнешна ТВ емисија и правење паралела со Иван или Ванчо Михајлов. Јас го кажав ова: На Кичевскиот конгрес во 1995 година донесена е одлука со која што се признава континуитетот на историското ВМРО и современата ВМРО-ДПМНЕ со Првиот конгрес во 1991 година во Прилеп. Започнувајќи од Првиот конгрес во Ресен сè до Осмиот во 1932 во Горна Џумаја, па почнувајќи со Првиот во Прилеп или Деветтиот во континуитет завршувајќи со Седумнаесеттитиот во Скопје. И да, дел од овие конгреси и претседател на ВМРО во историска смисла на зборот е Иван Михајлов. И да, тој бил во егзил во Загреб каде што живеел и соработувал со тогашната НДХ, која била фашистички, односно нацистички сојузник. Јас не се согласувам со тоа како тој ја управувал таа партија или организација во тоа време, како се однесувал и со кого соработувал. Како што можеби некој по неколку децени нема да се согласува со тоа како јас или некои од моите претходници ја водел ВМРО-ДПМНЕ во историска смисла. Но, ова е континуитет на една организација која што во современото време станува политичка партија. Што сакаат во СДСМ? Тие сакаат да речат: Вие сте имале во вашата структура соработник кој бил близок до некаков фашистички режим и тоа значи дека немате право да ги користите буквите и да ја организирате партијата како ВМРО-ДПМНЕ. Најпрво сакаа да не прикажат како радикална десница и да забранат функционирање како ВМРО-ДПМНЕ, па да ја просласат за екстремистичка и терористичка. Сега сакаат да повлечат некаква паралела со некаков фашистички соработник. Но, нема да им успее, бидејќи народот е зад ВМРО-ДПМНЕ. Нагласувам дека сите клубови треба да бидат затворени како мерка на рецироцитет бидејќи македонскиот клуб во Бугарија беше затворен и ниту еден нов не треба да се дозволи, па макар и го носел името на Перо Јаворов, Христо Ботев или Димитар Благоев, било кој клуб кој можеби не е толку компромитиран и контроверзен. Самото тоа што на нашинците таму не им е дозволено да се организираат во клуб, треба да значи мерка на реципроцитет и ниту еден повеќе не треба да биде отворен овде.
Мицкоски има и одговор зошто Ковачевски го обвинува дека е промотор на овие клубови.
Дознав дека соработува со нова ПР агенција и претпоставувам дека тие му кажуваат. Но, тоа што тој го кажува граѓаните не го чуствуваат од проста причина што тие знаат дека овие провокатори и во Охрид и во Битола ги отворија овие клубови не дека сакаат културно да се организираат туку за да провоцираат и да покажуваат доминација. Тие се случија во времето кога Ковачевски е премиер. Деновиве слушаме еден негов коалициски партнер кажува дека Бугарите ја ослободиле Македонија. Поголем доброчинител за бугарските апетити во Македонија од Ковачевски немало, дури ни оној негов претходник, кој кажуваше дека ние не сме имале споделена туку заедничка историја, дека сме биле еден народ, дека тие биле админатратори, а не окупатори, а за кој Ковачевски рече дека е негов верен послушник. Дури и тој не направи толку за великобугарските апетити колку Ковачевски. Сето тоа што го советуваат да го зборува и да го напаѓа ВМРО-ДПМНЕ и мене лично, граѓаните тоа не го прифаќаат.
Мицкоски вели дека ќе побараат од СДСМ да се огради од своето комунстичко минато како наследник на СКМ-ПДП.
Борбата на македонскиот народ за своја независна држава во срцето на Балканот започнува од многу порано и во тој континуитет ја имаме организацијата ВМРО кога се случува и Илинденското востание кое не успева, но покажува пркос. Тој континуитет потоа продолжува. Да не биле тие Илинденци, ќе го немало ни АСНОМ, ни првите чети на партизаните кои што ги носат имињата на Гоце и останатите. Дел од тие луѓе, како Павел Шатев и Венко Марковски, завршуваат трагично токму поради репресијата и агресивните мерки на комунистичкиот режим врз нив поради македонското чуство и желбата за сопствена македонска држава. Ако СДСМ, на почетоците СКМ-ПДП го прифати сето ова и се прогласи за наследник на тој комунистички режим најмалку што треба е наместо неосновано да спинува и да лаже, да се извини пред македонските граѓани поради злоделата што тој комунистички режим ги има правено врз македонските дејци, патриоти и луѓето кои се бореле за сопствена македонска држава.
Мицкоски објаснува и каква е состојбата на Македонците во Бугарија.
Состојбата е многу сложена. Сите се жалат и беше интересно да се слушне говорот на еден нашинец таму кој поминал во затвор поради својата македонштина и македонизмот кој го пропагирал во пиринскиот дел на Македонија. Тој имаше еден емотивен говор пред споменикот на Димитар Благоев во Благоевград и зборуваше за сите работи кои му се случувале поради неговата определба како Македонец и неговата мисија да го шири македонизмот меѓу Македонците. Од тоа што го слушав од тие луѓе, велат младите не дојдоа оти се плашат од репресија. Но и тие луѓе кои беа во години беа навистина еден тежок живот кажувајќи за за својот македонизам и за македонскиот дух и идентитет. Како идна влада ќе преземам сериозни чекори да им се помогне на тие луѓе, посебно на младите да ја чуваат и негуваат македонската традиција, да го предаваат македонскиот идентитет на нивните деца.
Мицкоски нагласува дека од лидерската средба е дека власта е далеку од 80 пратеници за промена на Уставот, што значи дека превземале обврска која што не зависи само од нив и оти оваа средба требаше да се случи пред Ковачевски и Пендаровски да го прифатат она што го прифатија.
Логичен след на работите е да имаме предвремени парламентарни избори, да излеземе пред граѓаните, да ги кажеме нашите планови, па тие нека одлучат дали ќе ги поддржат.
Мицкоски проговори и за коалицискиот партнер меѓу албанските партии.
ВМРО-ДПМНЕ е најголема политичка партија и има таков капацитет да може самата да го одредува коалицискиот партнер. Потенцијален партнер кај Албанците гледам во албанската опозиција.Но тоа не зависи само од мојата желба туку и од изборниот резултат и од правилото Бадинтер.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за „Република“ за прв пат открива дека размислува да се кандира за носител на листа на следните избори.
На минатите избори излегов како носител на кампањата и како кандидат за премиер што можеби од денешна перспектива беше погрешен потег и чекор.На овие избори ќе бидам на една од листите како носител и мандатар за состав на идната влада.
Мицкоски е задоволен од првата година на градоначалниците.
Секогаш може повеќе но врз основа на можности со кои располагаа и на условите во кои што работеа сум супер задоволе.Кај ниту еден нема некаква афера или злоупотреба.Луѓето работат согласно принципите кои што ги договаравме, чесно, одговорно, посветено, храбро.
Тој жали што нема отчет кај градоначалниците од СДСМ.
Тоа е капитулација на отворена сцена.Тие имаат сериозни општини како Струмица, Крива Паланка, Центар, Валандово. Ако имаат нешто направено можеа да се пофалат. Нема отчет бидејќи ништо не работат, уживаат привилегии на грбот на граѓаните.
Мицкоски се надева дека и Скопје нема да остане заглавено.
Преку советничката група ќе се бориме за што повеќе проекти, за концептот за модерно Скопје бидејќи тоа беше победнички концепт зад кој ние застанавме и позади независниот кандидат Арсовска.Таа го прифати тој концепт, ние го прифативме, излеговме на избори и победивме.Преку советничката група продолжуваме со тие активности.
Целиот разговор слушнете го во видеоинтервјуто кое го водеше Игор Чавески
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.