За моите позиции немаше простор во новата влада, рече во своето денешно обраќање досегашниот вицепремиер европски прашања, Никола Димитров.

Сакам да демантирам дека самиот сум се повлекол. Тоа не е точно. Јас не сум човек што се повлекува од битки. Не се повлеков затоа што чувствувам одговорност и сметам дека позициите што ги застапувам во процесот на преговори со Бугарија се исправни и важно е да се одржат. Имав сериозна битка внатре особено во последната година во однос и на дефинирањето на националните позиции, значи за самата суштина на маката, ама и на стратегијата, односно на текот на самите преговори. Таа битка не беше тајна. Разликите беа евидентни и во јавните пораки и во јавните настапи, рече Димитров на денешната прес-конференција.  

Како што нагласи, во два наврати кога таа битка кулминирала за што јавноста не знае – еднаш во Брисел, еднаш во Скопје, јасно кажал дека нема да дозволи поставените граници да се поминат по каква била цена, а најмалку по цена на неговата позиција во Владата, потенцирајќи дека со тоа дал до знаење дека со него внатре за некои работи едноставно нема разговор.

Јас бев и целосно сум подготвен оваа битка да ја терам и понатаму без разлика на позицијата или функцијата. Во мојата кариера во оваа работа сум сретнал многу влијателни луѓе кои немаа функција, а сум сретнал и такви кои се на позиција ама немаат тежина, што вели нашиот народ „не им врви зборот“.  Мојот збор ве уверувам дека врви и натаму ама за тоа да биде така јас треба да сум дома, да сум тука, да сум активен, да сум гласен и да имам слобода да се борам за моите позиции и мојата визија, рече вицепремиерот Димитров. 

Вели, затоа, не го изненадила понудата да биде амбасадор во Вашингтон.

Тоа не само што ќе ме тргнеше од дома, туку и ќе ми го врзеше зборот. Знаете дека дипломатите додека се на должност немаат право да бидат гласни и јавно да се борат за своите ставови дома. Кога го одбив Вашингтон добив и друга понуда, да бидам амбасадор можеби во друга земја, па и да избирам. Сфатив дека нечиј влог за да не бидам дома, а со тоа да ослабат и гласовите кои се на линија во преговорите за која што јас се борам е голем, рече Димитров.

За неговата смена, рече, прочитал во медиумите, па дознал од амбасадори, па конечно и на средбата со мандатарот Ковачевски.

Одговорноста значи да бидете гласен внатре. Од друга страна мислам дека има јавен интерес за овие работи да се зборуваат отворено. Чекав бидејќи мислам дека беше важно да не се повлечам самиот. Можеби ќе беше полесно да кажам дека не се гледам во новата Влада, но беше важно мандатарот да каже. За сите работи ќе зборувам отворено, свесен за одговорноста и значењето на прашањето никогаш нема да наштетам, но ќе ја следам работата, додаде Димитров.

Интересот да ме нема не е само домашен, додаде тој.

Знаете дека кај соседот ќе бидат еднакво среќни да се ослободат од, како што ме нарекоа „вирус поопасен од ковид“. Ова прашање е моја лична животна мисија, апсолутна почит за македонскиот јазик, како еднаков на сите европски јазици и европска интеграција потпрена на вистински европски столбови и критериуми, додаде Димитров.

Посочи дека нема доверба во министерот за надворешни работи, Бујар Османи зошто сакал успех по секоја цена околу прашањето со Бугарија. Според Димитров ова прашање е поважно од Владата, „од оваа, од следната, од сите“.

Да, немам целосна доверба во министерот за надворешни работи во однос на прашањето со Бугарија, со оглед на моето искуство на интерните координации, средбите во Брисел. Имам чувство дека таму има „драјв“ за успех по секоја цена, што мислам дека е опасен и не продуктивен. Можеби грешам и се надевам дека грешам, кажа Димитров.

Посочи дека македонскиот јазик е интимна работа и е наш, а државата е независна, па затоа, право и должност е достоинството да се зачува.

Обидот да има заострување на позицијата не успеа во смисла на споменување на бугарската заедница во нашиот Устав и тоа да биде направено пред да почнат пристапните преговори го нема во заклучоците. Но позициите се држат такви какви што беа од самиот почеток. Како држава треба да се прашаме дали е умно, мудро, толку голема енергија да ставаме во ова прашање. Мислам дека ќе биде мудро да останеме отворени за дијалог, но не да бидеме преокупирани во јануари или јуни, туку енергијата да си ја вложиме дома. Мислам дека огромен дел од нашата енергија мора да оди дома, за ова прашање треба да сме спремни за достоинствен дијалог, а нашите позиции да ги темелиме на европските принципи и меѓународното право. Ние сакаме да сме пријатели со Бугарија, но мора да не почитуваат, посочи Димитров.

Најави дека ќе биде брутално остар, а прашањето е превазно за да има политички суети.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.