Република Македонија и Република Албанија како соседни пријателски земји, делат исти вредности и имаат заедничка иднина. Таа заедничка иднина е во ЕУ и убеден сум дека наскоро и двете земји ќе ги почнат преговорите за членство во Унијата зашто и  Македонија и Албанија досега исполнија се што од нив беше побарано. Сега на ред е ЕУ, рече претседателот на СДСМ и мандатар за состав на новата Влада, Димитар Ковачевски на денешната средба со претседателот на Република Албанија Илир Мета.

На средбата, како што соопшти СДСМ, стана збор за повеќе актуелни теми, но во фокусот беа меѓусебната соработка, иницијативата Отворен Балкан и процесот на евроинтеграции.

Албанскиот претседател истакна дека е очигледен напредокот што  Македонија го постигна во изминатите неколку години, го поздрави концептот „Едно општество за сите“, квалификувајќи го како уникатен пример во регионот, и истакна дека почнувањето преговори на Албанија и  Македонија не само што е важно за двете земји, туку тоа е во интерес на целиот регион на Западен Балкан.

Ковачевски изрази уверување дека досегашната соработка помеѓу двете земји дополнително ќе се интензивира преку Отворен Балкан. Во однос на билатералната и регионална соработка, истакна дека Отворен Балкан е важен чекор кон унапредување на соработката меѓу државите, носи нови можности за економски раст и развој. Сепак, Ковачевски смета дека тоа не е алтернатива за членството во ЕУ, но може да биде од сериозна помош при пристапувањето во Унијата.

Ковачевски најави и интензивирање на инфраструктурите проекти на Коридорот 8 што ќе обезбеди, како што рече, подобро поврзување на Македонија и Албанија.

На средбата Ковачевски – Мета присуствуваше и секретарот за меѓународна соработка, Бојан Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.