Искрено се надевам дека европерспективата на Западен Балкан останува меѓу приоритетите, но овој пат со реален исход – почеток на преговорите со Македонија и Албанија. Се надевам дека претседавањето на Франција ќе ја промени динамиката во приближувањето на Западен Балкан, тргнувајќи од нашиот пример. Тоа ќе биде одличен сигнал за нас, но и за целиот регион, како и за враќање на довербата и кредибилитетот на ЕУ, рече вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ на денешната тркалезна маса „Пристапувањето на Западниот Балкан кон ЕУ: долга, (не)завршена приказна – Одржливост на македонскиот надворешнополитички курс”.

Маричиќ истакна дека земјава со години наназад е во процесот, а особено последните пет години покажа искрен и отворен пристап во спроведувањето на реформите, посебно во клучните области. Европските извештаи, оцени, недвосмислено потврдуваат дека сме успешни и одиме напред.

Реализиравме и една од нашите стратегиски цели, станавме членка на НАТО. Сега е крајно време да ги почнеме и пристапните преговори со ЕУ, порача вицепремиерот и додаде дека реформите продолжуваат, а целта е Европа да ја „донесеме” дома.

Секое одолговлекување на почетокот на преговорите, посочи Маричиќ, ќе демотивира, а ќе ги демотивира и државите во регионот кои имаат отворени билатерални прашања, што отвора можност за уназадување на реформските процеси и стагнација на европеизацијата на општествата.

Тој се осврна и на проблемот со Бугарија, укажувајќи уште еднаш дека почнува ново ниво на соработка. Не смееме, подвлече вицепремиерот, да оставиме отворените прашања да ги оптоваруваат и натаму нашите билатерални односи и нашата евроинтерграција, ниту да го попречуваат нашиот евроинтеграциски пат. Но, дополни, освен што почетокот на преговорите е наш национален интерес, наш национален интерес е и да ги зачуваме јазикот и идентитетот.

Со Бугарија успешно почнуваме нова сеопфатна платформа, нова соработка со нова енергија, силна динамика и дијалог без преседан во нашите досегашни билатерални односи. Очекуваме во позитивна атмосфера на меѓусебно уважување и ценење да стигнеме до посакуваните резултати и тоа решение да базира на европските вредности, со целосно разбирање за сите отворени прашања и потврдување на позитивниот дух на Договорот за пријателство и добрососедство за да се ослободи преговарачката рамка од страна на Бугарија и да се отворат преговорите преку реализација на првата Меѓувладина конференција во скоро догледно време, додава Маричиќ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.