Во моментот кога Протоколот ќе биде целосно усогласен и договорен со Бугарија ќе биде објавен, но овој процес е во рацете на Министерството за надворешни работи и очекуваме да биде презентиран од МНР како еден пакет на документи кои подоцна би оделе на расправа во Парламентот, изјави денеска вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по средбата на партиските работни групи во Клубот на пратеници.

– Апсолутно ништо не сме криеле, документи се објавуваат откако веќе ќе бидат во некаква фаза за да може да се дискутираат, рече Маричиќ одговарајќи на прашање зошто не се објавува протоколот со Бугарија.

Според Маричиќ, целта на нашата земја е да се осигураме дека со европскиот предлог нема да имаме натамошни бескрајни блокади. – Ако добро ги водиме преговорите можеме во наредните неколку години, до крајот на оваа декада да завршиме како членка на ЕУ, нагласи Маричиќ.

По средбата Маричиќ сподели дека со партиските работни групи на средбата разменил идеи околу тоа како може во наредна фаза и Собранието и Владата да се постават за европскиот предлог.

– Иако имавме различни ставови по многу прашања, духот беше конструктивен и мислам е добро да има вакви средби, изјави Маричиќ по средбата.

Маричиќ посочи дека на состанокот ги изнеле нивните позиции, како СДСМ и Влада, дека овој предлог ги задоволува или излегува во пресрет на очекувањата на нашата земја.

Дополнително, како што информира тој, предложиле текст со предлог заклучоци.

ВМРО-ДПМНЕ, како што рече, изнесе и други идеи поврзани со евентуални промени на преговарачката рамка.

– Беше добра почетна средба со овие позиции и мислам дека во наредните денови треба да продолжиме да разговараме, дали вечер, утре или наредните денови постои желба да се разговара на оваа тема, изјави Маричиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.