Во денешното гостување во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, градоначалникот на општина Куманово Максим Димитриевски истакна дека во целост ги поддржува ставовите на ЗЕЛС.

Ставовите на ЗЕЛС ги поддржувам во целост, бидејќи согласно Законот за финансирање на единиците на локални самоуправи и Законот за локална самоуправа сите пренесени надлежности кои доаѓаат од централно на локално ниво треба да бидат финансирани од државата и од државниот буџет, бидејќи образованието, детската заштита, детските градинки, старечките домови, институциите кои се пренесени од централно на локална власт тогаш државата ја има таа обврска. Во спротивно, доколку се нема сенс за такво нешто, во секој момент како општина сме подготвени овие институции да ги вратиме назад на менаџирање на централната власт, затоа што ние во моментот трошиме сериозни средства и пари од нашите локални буџети, даноци кои ги плаќаат граѓаните за да инвестираме и правиме капитални инвестиции токму во овие сегменти на пренесени надлежности. Или преведено тоа значи, ќе скратиме на изградба на улици, патишта и друга инфраструктура, а парите ги насочуваме за да инвестираме во реконструкција на училишта кои по 60 години една шајка не е закована, рече Димитриевски.

Тој посочи дека треба да се има многу повисоко ниво на свест и најмалку што очекува од неговиот сограѓанин Димитар Ковачевски е час поскоро да ги покани во Владата заедно со претседателката на ЗЕЛС, дел од членовите на Управниот одбор да поразговараат за овој проблем и да се најде решение.

Општините не бараат помош, туку општините бараат само да се почитува законот и да се трансферираат доволен износ на средства. На овој начин, Македонија на патот на децентрализацијата на власта стагнира, потенцираше Димитриевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.