Бугарија е подготвена да го сподели со македонската страна искуството во транспонирањето и спроведувањето на европското законодавство во областа на животната средина, било потврдено на вториот состанок на меѓувладината работна група со Бугарија „Европска соработка – зелена транзиција и дигитална трансформација, владеење на правото” што се одржа вчера во бугарското Министерство за животна средина и води, јави дописникот на МИА од Софија.
Од бугарска страна на состанокот учествуваа Борислав Сандов – вицепремиер за климатски политики и министер за животна средина и води, Калина Константинова – вицепремиер за ефективно владеење, како и Божидар Бојанов – министер за е-влада и Борислав Ганчев – заменик министер за Правда. Во име на Македонија, на состанок беа Бојан Маричиќ – вицепремиер за европски прашања, Славица Грковска – вицепремиер за политики за добро владеење, Насер Нуредини – министер за животна средина и просторно планирање и Адмирим Алити – министер за информатичко општество и администрација.
Бугарскиот вицепремиер Сандов поздравувајќи ја македонската делегација порача дека двете страни го продолжуваат дијалогот заснован на принципот на добрососедски односи, што е гаранција за развој на соработката меѓу нашите земји. За прашањата за животната средина, тој рече дека современото општество е особено чувствително на квалитетот на животот, што бара ефективна примена на високи еколошки стандарди и здрава животна средина.
-На овој начин ќе гарантираме просперитет и консолидација на европската перспектива во нашиот регион. Затоа, ја потврдувам подготвеноста на Бугарија да сподели искуство во транспонирањето и спроведувањето на европското законодавство во областа на животната средина. Подготвени сме да ја дадеме нашата експертиза во претпристапниот процес на Република Македонија во ЕУ, а особено во поглавјето „Животна средина”, рече бугарскиот вицепремиер Сандов.
Вицепремиерот Маричиќ, пак, се заблагодари за добрата соработка и рече дека оваа средба е доказ дека во услови на криза можеме да работиме заедно. -Темите на работната средба ни се многу важни и јас сум оптимист за успехот на нашата заедничка работа, истакна Маричиќ.
Вицепремиерката Калина Константинова и вицепремиерката на Македонија Славица Грковска разговараа за теми од соработката меѓу двете земји во насока на подобро владеење. Министерот Бојанов и неговиот македонски колега, министерот Адмирим Алити разговараа за можностите за соработка во областа на кибер безбедноста и дигиталната трансформација.
Со заменик министерот за правда Борислав Ганчев се разговараше за начините на синхронизирање на законската регулатива за подобрување на инвестициската клима, како и за борбата против корупцијата и е-правдата.
На работната средба, министерите Сандов и Нуредини потпишаа програма за заеднички активности за 2022 – 2023 година. Станува збор за двегодишна програма за имплементација на договорот меѓу министерствата на Македонија и Бугарија за соработка во областа на животната средина и вода (потпишан во 2019 година).
Министерот Нуредини изјави дека Македонија смета на помошта на Бугарија во преговарачкиот процес во областа на заштитата на животната средина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.