СДСМ ќе има добар резултат на претседателските и на парламентарните избори и СДСМ ќе ја формира идната проевропска влада, изјави заменик-претседателката на СДСМ, Сања Лукаревска во емисијата „Трилинг“.

Таа додаде дека СДСМ прави детални анализи околу настапот на изборите и ја подготвува победничката програма за новиот мандат, со којашто ќе ја бара довербата од граѓаните.

Се уште ги правиме анализите за тоа што значи заеднички настап на изборите во широка коалиција, со заеднички листи, но исто така и што значи во однос на пост изборни коалиции. Навремено ќе ја известиме јавноста. Во тек се големи анкети, опсежни согледувања на сите аспекти. Ние сме посветени на нашата цел, на она што сакаме да го постигнеме за граѓаните и државата во наредниот мандат, вели Лукаревска.

Таа нагласи дека СДСМ активно ја подготвува програмата за претстојните избори.

СДСМ активно ја подготвува програмата. ЕУ агендата секако е наш фокус но ќе имаме и силни, револуционерни мерки, во делот на економијата, во различни ресори, додаде Лукаревска.

Таа вели дека главните анкети ќе бидат на денот на изборите и на претседателските и на парламентарните избори.

Во 2020 година имаше анкети со кои ДПМНЕ победува и на крајот сите го видовме резултатот. СДСМ ќе има добар резултат на претседателските и на парламентарните избори и СДСМ ќе ја формира идната влада, вели Лукаревска.

Зборувајќи за состојбите во правосудството Лукаревска рече дека пропустите во судството со право ги иритира и граѓаните и медиумите и сите кои добронамерно забележуваат на слабостите.

Судската власт е одвоена од извршната. Јас исто сметам како граѓаните, дека имаше спорни одлуки и дека можеби треба некои одлуки да се преиспитаат. Судската фела мора да се соочи со сите свои мани и доблести. Поддршката од меѓународната заедница, од САД и ЕУ е добронамерна во оваа област. Драстични реформи со радикални чекори во иднина треба да се спроведат во судството, порача Лукаревска во емисијата „Трилинг“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.