„Ние, како партија која скапо го плати својот патриотизам, го повикуваме новото раководство на Cеверна Македонија да се вразуми и да размисли за своите одговорности кон историјата и иднината на нејзиниот народ“, напиша на платформата Икс претседателот на СИРИЗА Стефанос Каселакис, јави дописничката на МИА од Атина.

Лидерот на грчката опозициска партија упатува прашања, но и критики до актуелниот грчки премиер во врска со Договорот од Преспа, со оглед на ставот и противењето на Кирјакос Мицотакис во периодот кога беше опозиција.

Го прашува зошто сега моли да се почитува Договорот и дали можеби сепак „не беше предавнички“ договор.

Премиерот вели дека не му се допадна Договорот, но „државата има континуитет и затоа треба да се почитува“. Не, господине Мицотакис. Никогаш не молиш да се почитува нешто што е негативно за твојата земја, напиша Каселакис, додавајќи дека или се смета за корисен договор за Грција и се почитува или се смета за лош договор и се поништува.

Паралелно посочува дека „историската вистина понекогаш задоцнето се појавува, но секогаш ги оправдува храбрите, вистинските патриоти“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.