Либерално демократската партија испрати Декларација до Собранието за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.


Најостро осудувајќи го „безобѕирниот“ руски напад врз Украина, како чин на агресија кој што го доведува животот на безброј цивили во опасност и во насока на поголема и посилна европска интеграција, заштита на европскиот и светскиот правен поредок заснован на Повелбата на ОН, Завршниот акт од Хелсински и другите европски безбедносни и демократски институции. Свесни дека мирот и взаемниот соживот е единствениот начин да се зајакнат демократските темели на државата и на општеството, апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО се вели во Декларацијата.


Според пратеничката од редовите на ЛДП, Моника Зајкова 24 февруари ќе остане запаметен како мрачен ден за цела Европа.


Поради состојбата во Украина барам од претседателот на Комисијата за надворешна политика да свика итна седница на Комисијата на која ќе бидат присутни и министрите за надворешни работи и за одбрана или претставници на министерствата за надворешни работи и одбрана на највисоко ниво.


Предлагам како членови на Комисијата да усвоиме  Декларација на Собранието за осуда на политиките кои го доведуваат во прашање постоењето на европските држави и поддршка на територијалниот интегритет и суверенитет на Украина, вели Зајкова.

Во Декларацијата стои дека согласно одредбите на Уставот на Република Македонија, а особено од деловите на преамбулата кои се однесуваат на “намерата да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот”:

1. Земајќи во предвид дека рускиот напад врз Украина претставува еклатантно кршење на меѓународното право кој што не може да се оправда со ништо;

2. Критикувајќи го актот на агресија на Русија под параванот дека политиките на Украина претставуваат “закана за безбедноста на руската држава и народ”, како акт кој ќе предизвика намерна војна која ќе доведе до катастрофална загуби на животи и човечко страдање;

3. Земајќи го во предвид ставот на Русија да ја дефокусира или оддалечи прозападната политика на Украина во близина на границите на Русија, да се укаже дека претставува мешање во водењето на внатрешната политика на Украина;

4. Согледувајќи ја целокупната моментална ситуација во Рсуко-Украинскиот судир препорачуваме на Министерството за одбрана да се стави во приправност и силно да го осуди признавањето на делови од Украина, за независни држави, од страна на Русија;

5. Полагањето на право на територии каде што живее руски народ, или територии кои некој смета дека се неоправдано одделени и не се дел од границите на Русија, е веќе еднаш видено сценарио кое се обидел да го реализира Хитлер анкeтирајќи ја Австрија, Чехословачка и Полска;

6. На оваа сценарио треба да му се застане на патот и тоа решително. Братскиот руски народ не може да биде агресор врз братскиот украински народ и треба да се спротивстави на ваквата хегемонистичка политика која ја спроведува Русија и повторно да застане на страната на правдата;

7. Ако сите во Европа почнат да ги прелистуваат историските книги таму каде што некогаш биле границите, ни претстои мошне вознемирувачки период не само во Југоисточна Европа туку и на Балканот и пошироко;

8. Апелираме до сите политички чинители за одговорно однесување и воздржување од потпалувачки говор и ширење на дезинформации кои се спротивни на националните интереси на државата, имајќи предвид дека сме членка на НАТО;

9. Декларацијата ќе се достави до Владата, Министерството за надворешни работи и до Министерството за одбрана.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.