Европскиот суд за човекови права со одлуката да ги отфрли жалбите за поништената аболиција од поранашнит претседател Ѓорге Иванов, оценил дека жалителите не ги искористиле сите редовни и вонредни правни лекови кои им ги нуди националното право, а за кои во предходни пресуди и одлуки судот прифатил дека се ефективни правни лекови, вели за МИА поранешната судијка во Судот во Стразбур и актуелна судијка во Врховниот суд, Мирјана Лазарова-Трајковска.
Денеска ЕСЧП одлучи со одлука да ги отфрли жалбите во врска со можни повреди на правото на правично судење на жалителите кои се повикаа на дадените па повлечени помилувања. Ова од причина што, Судот може да прифати случај само откако ќе бидат исцрпени сите домашни правни средства, и во рок кој во време на поднесувањето бил шест месеци сметано од датумот на кој е донесена конечната одлука од страна на националните власти, изјави Лазарова-Трајковска.
Ваквата одлука на Судот, како што посочува, може да влијае само во однос на преиспитување од страна на жалителите дали се уште останале можности за покренување на правни лекови пред националните судови или во некои постапки тие рокови се поминати.
Таа појаснува дека во секој степен од постапката, Судот може да одлучи да отфрли определена жалба од списокот на предмети.
Во конкретниот случај, иако жалбата, по оценка на Судот била дека жалбите треба да се отфрлат поради неисцрпеност на домашните правни лекови и можел да ги отфрли жалбите и во рана фаза на поднесување во фoрмација од Комитет од тројца судии, тој сепак предметот го одлучил во совет од седум судии заради неговата комплексност и важност за подносителите на жалбите но и за националните власти, нагласува судијката Лазарова-Трајковска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.