Мора сите чинители во општеството да седнат на маса и да се направи решение кое ќе биде уставно издржано, вели премиерот Димитар Ковачевски во однос на платите на избраните и именуваните лица кои со одлука на Уставниот суд беа зголемени за 78 проценти.

Според Ковачевски, има иницијатива и работна група која работи на проблемот, но потребна е усогласеност од сите чинители.

Не можете да вратите одлука на Уставен суд. Одлуката на Уставен суд е финална одлука во државата. Со која одлука ќе поништите одлука на Уставен суд? Уставниот суд постои за да биде финален арбитар на она што се случува во законодавството. Затоа велам дека сите чинители во општеството ќе мора да седнат на маса бидејќи само така може да се направи системско решение, изјави денеска Ковачевски, одговарајќи на новинарски прашања по промоцијата на монографијата „Сојуз на борците од НОАВМ и граѓаните продолжувачи (1948-2023)“.

Посочи дека од 1.100 избрани и именувани лица, само 42 се од Владата, а 120 се пратеници, 80 градоначалници и над 700 судии и обвинители.

Висината на платите е регулирана согласно седум закони при што во еден од нив стои дека не може да се намалува плата на суд. Втора работа е што Владата не може да определува плата на пратеници бидејќи пратениците ја бираат Владата и затоа уште пред година ипол кажав дека решението треба да е системско решение во кое ќе се каже која е највисоката плата и потоа да се направи градација. Овде се работи за одлука на Уставниот суд со која се поништи одлуката за замрзнување на платите на избрани и именувани лица, рече Ковачевски.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.